Не сме тука да ги жалиме обвинетите, им свика Јанева на адвокатите на конференција на ОБСЕ

Специјалното јавно обвинителство доби критики за својата работа во извештајот на Мисијата на ОБСЕ за период од 2016 до 2018 година, каде се нотирани заклучоци и препораки за поефикасно водење на предметите на СЈО. Според ОБСЕ дел од предметите на СЈО се преплавени со докази и со сведоци, некои од нив непотребни во постапката. Освен тоа извештајот наведува дека СЈО не обезбедило фер на оружјето со тоа што не ги предало на одбраната прислушуваните разговори како докази.

Овие критики ги потврдија и дел од адвокатите на одбраната кои присуствуваа на конференцијата. Адвокатите тврдеа дека на Никола Бошковски и Горан Грујевски не треба да им се суди затоа што барањето за нивна екстрадиција било одбиено од Грција. Тие се пожалија дека некои од нивните клиенти се речиси секој ден во судница затоа што се обвинети во повеќе предмети, поради што немаат доволно време да ја подготват својата одбрана.

Ова беше причина шефицата на СЈО, Катица Јанева, на повисок тон да им порача на адвокатите дека конференцијата не е место, ниту време, да ги кажуваат своите полаки.

-Не сме тука да ги жалиме обвинетите. Како што е ред, тие треба да бидат присутни во судница, па и секој ден доколку е потребно, бидејќи се обвинети. Точно е дека прислушуваните разговори не се дадени, но тоа е од причина да се заштити приватноста. Не можеме да оспоруваме нешто што е кристално јасно, за што се донесени договори и изгласани закони. Ние сме сериозна институција. Тоа што сметате дека е нарушено правото на одбрана не држи вода и ова не е место за образлагање – им рече Јанева на адвокатите Еленко Миланов, Сања Алексиќ и Петар Василев.

Специјалната јавна обвинителка коментирајќи го извештајот на ОБСЕ рече дека генералната оценка е дека СЈО може подобро да ги извршува задачите. Таа рече дека очекува до крајот на годинава да има пресуди во повеќето предмети.

-Треба да чекуваме епилог овој период. Сепак изминаа две години откако некои обвиненија се поднесени, а за некои изминаа и три години. Недозволиво и неодговорно е што се уште немаме судски одлуки. Сметаме дека судот треба поактивно да се однесува. Очекувам до крајот на годинава пресуди за повеќето предмети – рече Јанева.

Оваа нејзина изјава адвокатката Сања Алексиќ ја протолкува како притисок.

-Сметаме дека повикот за решавање на предметите е притисок. Веруваме дека ќе се донесат пресуди, но со аномалии и повреда на правата на обвинетите – рече Алексиќ.

Во врска со тоа што СЈО не ги предаде на одбраната прислушуваните разговори заедно со останатите доказни материјали, Јанева уште еднаш потсети дека тие можеле да ги слушнат во било кое време во 18-те месеци додека траела истрагата.

Јанева одговори и на критиките на ОБСЕ дека некои докази и сведоци биле непотребни во постапките.

-Евидентно е дека некои од судиите недоволно ги владеат доказите на СЈО. Точно некои докази од оваа временска дистанца се непотребни, но во моментот кога беа доставени не беше донесена одлуката на Апелација, прислушуваните разговори да се користат како доказен материјал. Некои докази навистина треба да се повлечат сега, но тоа ќе го анализираме на колегиум во СЈО – рече Јанева.

На прашање од новинар до каде е истрагата за предметот „Империја“, Јанева рече сите прашања за овој предмет новинарите да ги упатат писмено до СЈО, од каде ќе добијат и писмен одговор.

Please follow and like us:

You May Also Like