НЕ Е ЧУДО СУДИИТЕ ШТО ОТПАДНАА ОД ОБВИНЕНИЕТО ДА ПРОДОЛЖАТ ДА СУДАТ ПО ПАРТИСКА ДИРЕКТИВА, КАЖА ФЕТАИ НА ЗАВРШНИТЕ ЗБОРОВИ ЗА „ТИТАНИК 2“

Обвинетиот Сашо Мијалков, како тогашен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, се докажа дека ја искористил својата моќ со умисла да влијае врз обвинетиот Мендух Тачи, за тој со умисла да го поттикне членот на ДИК Бедредин Ибраими од ДПА да го смени ставот и да гласа за поништување на чисто гласање во Струмица. Со тоа, обвинетиот Ибраими му овозможил понатамошно противзаконско учество во локалните избори на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Васил Пишев, кој изгубил уште во првиот круг.

Ова е дел од завршниот збор на обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи за случајот „Титаник 2“, кој е пред пресуда. Таа рече и дека жали што судот одлучи од обвинението да отпаднат петтемина управни судии.

„И тие размислувале и гласале на линија на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, не се џабе тефтерчињата на поранешната министерка за внатрешни Гордана Јанкулоска, помогната од тука обвинетиот Сашо Мијалков. Не е чудо тие судии да продолжат да судат по партиска директива, но во обратна линија. Но, судот одлучи дека судиите имале имунитет“, рече Фетаи, по што реагираа обвинетите Тачи и Мијалков дека Фетаи почнала да држи политички говор.

Пред судот, Фетаи заклучи дека Мијалков ја искористил својата реална моќ во државата и во партијата. Во прислушуваниот разговор како доказ, тој го потсетува Тачи дека ако гласа Ибраими за поништување на гласањето во Струмица, сега обвинетите Сашо Срцев, Елизабета Стефановска и Влатко Сајковски, ќе возвратат за приговорите на ДПА во Чаир.

„ВМРО-ДПМНЕ била запознаена за дилот со противуслуга на ДПА за Чаир. Тоа се слушна во разговорот меѓу Никола Тодоров и Драган Павловиќ – Латас. Тодоров му вели: ’Има уште два приговора, за да биде комплетна сликава. Сега јасно е дека за Струмица ние и ДПА сме се договориле. И вториот и третиот приговор ќе бидат 4 спрема 3, исто како првиот‘“, рече Фетаи.

Со злоупотребите што ги направиле четворицата членови на ДИК, во корист на ВМРО-ДПМНЕ, тие го суспендирале Изборниот законик. Тие чесен суде не биле државни службеници, кажа Фетаи, туку партиски извршители, со флагрантно кршење на законот, бидејќи немало основ за поништување.

Таа побара казни за сите обвинети, а Срцев, Сајковски и Стефановска ги пофали за почитување на дигнитетот на судот.

Please follow and like us:

You May Also Like