НБМ: Граѓаните повеќе сакаат да плаќаат во кеш

Македонските граѓани сè уште традиционално сакаат да плаќаат во кеш. Новите електронски плаќања, преку интернет, користејќи го компјутерот или мобилниот телефон, иако нудат предности, сè уште не се многу прифатливи.

Последните податоци на Народната банка за септември 2018 година покажуваат дека од вкупниот број трансакции реализирани со кредитни трансфери или приближно пет милиони, во хартиена форма се реализирани 2.896.599 трансакции, додека електронски 2.069.280. Податоците укажуваат дека електронскиот начин на плаќање е поприфатлив за правните лица, кои од вкупниот број електронски трансакции со кредитни трансфери реализирале 1.771.544, додека, пак, физичките лица иницирале 14,4 отсто од електронските трансакции со кредитни трансфери или 297.736 трансакции.

Од реализираните електронски плаќања преку мобилен во септември 2018 година се остварени над 66 илјади.

Објавените податоци, сепак, покажуваат дека од година во година има раст на трансакциите со кредитни трансфери иницирани преку мобилен, така што во 2017 година почнуваат од 25.597 во јануари и во последниот месец достигнувале 54.897, а во 2016 година во првиот месец се реализирале 13.085 и достигнале 29.367 во декември 2016 година.

Банките континуирано инвестираат во модерни и иновативни технологии, а целта е на клиентите да им се овозможи услуга 24 часа. Во своите услуги речиси сите имаат понуда за мобилно банкарство. За да се зголеми неговата примена нудат и поволности и пониски провизии, но истакнуваат дека сè уште поголемиот број клиенти не се подготвени да ги прифатат новите технологии.

„Од досегашното искуство во однос на користењето на мобилното банкарство од страна на клиентите, би можеле да заклучиме дека постои долгорочен нагорен тренд на користење на мобилната апликација, а паралелно со тоа и користење на сè повеќе функционалности достапни на самата апликација. Иако главна функционалност што се користи е преглед на сметки, клиентите брзо се навикнуваат на удобноста на извршување на трансакциите онлајн и ги препознаваат предностите од аспект на брзина и сигурност, како и од аспект на заштеда на време и пари (со оглед дека провизиите за трансакции преку електронските канали се поевтини од трансакциите што се извршуваат на шалтер), така што сè повеќе го користат својот паметен телефон како своја „мини виртуелна банка”. Некои од клиентите и сами даваат конструктивни предлози за збогатување на достапните услуги онлајн и пренесување одредени интеракции со банката преку мобилен телефон“, велат за МИА од Охридска банка Сосиете женерал.

Оттаму истакнуваат дека од друга страна сè уште постојат голем број клиенти кои не се подготвени да ги прифатат новите технологии и начинот на извршување банкарски трансакции онлајн, на што секако големо влијание имаат и нивото на развој на државата, создадените навики за извршување на трансакциите во банка, недостиг на едукација за користење интернет, паметен телефон итн.

Според нив, тука постои голем потенцијал банките со својата експертиза позитивно и проактивно да влијаат на обука и едукација на населението кон прифаќање на новите технологии и нов начин на интеракција со банките.

Мобилната апликација овозможува мобилниот уред на клиентите да се претвори во виртуелна експозитура, преку која на брз, сигурен и лесен начин клиентите имаат пристап до сите сопствени сметки, депозити, кредитни картички, кредити, како и можност за вршење плаќања во кое било време и место.

Од Охридска банка наведуваат дека нивната мобилна апликација е бесплатна и може да се преземе преку Гугл плеј стор (Google Play Store) или Епл плеј стор (Apple App Store), а поддржува верзии на оперативните системи Андриод (Android) и Ај-о-ес (IOS) не постари од Андроид 4.2 (Android 4.2) и Ај-о-ес 7.0 (IOS 7.0). Достапна е на три јазици, македонски, албански и англиски, и истакнуваат дека континуирано работат на развој на електронските канали, збогатување на бројот на функционалности, олеснување на пристапот до услугите и производите и овозможување клиентите да ги добиваат онлајн.

Електронското банкарство дава можност за пократко време и помали трошоци да сe изврши трансакцијата.

Мобилното банкарство му нуди на клиентот пристап до сметките, состојбата и расположливите средства (преглед на состојба, промет за период, структура на картични трансакции, увид во извршените налози, амортизациски планови, напредно пребарување налози, преглед на кредити, кредитни и дебитни картички, депозити и сл., користење готови шаблони за брзи плаќања на сопствени сметки, уплати за кредити и кредитни картички и други плаќања, користење готови шаблони за брзо плаќање режиски трошоци, како комуналии, струја, парно, телекомуникации, кабелски оператори, радиодифузна такса, извршување налози за плаќање преку стандардните обрасци ПП30 и ПП50, со можност за избор од сопствените сметки, извршување конверзија на девизи помеѓу сопствените сметки, калкулатори за пресметка на кредитните и депозитните производи на банката и курсна листа со напреден преглед.

Првите телефонски и компјутерски услуги се јавуваат во почетокот на 80-тите години, а мобилните телефони во овој сектор почнуваат да се применуваат од 90-тите години на минатиот век.

Прва банка што понудила банкарски услуги преку мобилен телефон била Мерита норд банкен во 1992 година, а веќе од 1999 година 90 отсто од банките во Европа имале некаква услуга преку мобилен телефон.

Please follow and like us:

You May Also Like