ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Најбогатиот човек во светот постави нов рекорд – за еден ден заработи 13 милијарди долари

Основачот на „Амазон“, Џеф Безос, кој според рангирањето на „Форбс“ е најбогатиот човек на светот, постави нов рекорд во дневна заработка зголемувајќи го своето богатство за 13 милијарди долари за еден ден. Сега Безос поседува неверојатни 189 милијарди долари.

Безос значително го зголеми своето богатство за време на пандемијата на коронавирусот откако милиони луѓе кои останаа заробени во своите домови поради Ковид-19 ги користеа услугите на „Амазон“ за да нарачаат храна, облека, книги или други предмети за забава, пишува „Гардијан“.

И покрај тоа што пандемијата тешко погоди голем број компании и најверојатно предизвика една од најголемите економски кризи од Големата депресија од 1930-тите, вредноста на акциите на „Амазон“ се искачи за 70 проценти од почетокот на годината.

Само овој понеделник нивната цена скокна за осум проценти, на рекордни 3.197 долари.

Безос, кој почна со „Амазон“ во својата гаража во 1994 година, сè уште поседува 11 проценти удел во компанијата, како и сопственост над компанијата за вселенско патување „Блу Ориџин“ и весникот „Вашингтон пост“.

Богатството на Безос се зголеми за 74 милијарди долари само од јануари оваа година. Личното богатство на Безос е поголемо од пазарната вредност на гигантите како „Ексон Мобиле“, „Најк“, „Мекдоналдс“ и други корпорации. Богатството на основачот на „Амазон“ го надминува БДП на Унгарија, Украина и Катар.

Наскоро би можел да го надмине БДП на земји како Грција и Нов Зеланд, кои Светска банка ги рангира како 51-та и 52-та најголема светска економија, пренесе порталот Индекс.хр.

Неговата заработка од 13 милијарди американски долари е најголемиот еднодневен скок во нечија нето вредност откако Блумберг започна да ги следи дневните нивоа на богатство на најбогатите луѓе во светот во 2012 година.

Безос сега е побогат за 71 милијарда долари од следната најбогата личност на списокот, основачот на „Мајкрософт“, Бил Гејтс.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.