Наместо од овој месец, платите на работниците ќе се зголемат од декември

Државата од овој месец нема да почне да ги субвенционира придонесите за платите на работниците зголемени за 600 до 6.000 денари, иако во предлогот на законот со кој се овозможува оваа бенефиција стои дека ќе почне да се применува со исплатата на октомвриската плата. Причина за ова е доцнењето со донесувањето на Предлогот на законот за субвенционирање на придонеси од задолжителното социјално осигурување, кое според агендата на Собранието треба да се случи во вторник, на 5 ноември.

Откако ќе се донесе законот следи негова објава во „Службен весник“, како и донесување на подзаконските акти и тоа најдоцна во рок од 15 дена. Затоа, најреално, работниците можат да очекуваат поголеми плати дури од наредниот месец. Како што појаснуваат работодавците и да почне примената на законот ден-два по донесувањето, ќе биде доцна за октомвриската плата, зашто таа се исплатува во периодот од 1 до 10 овој месец.

-За жал, на нашите политичари не им е толку битна економијата, туку им се битни други работи. Во законот пишува дека ќе се применува од ноември, но за платата од октомври, која се исплатува од први до десетти. Ако донесувањето во Собранието задоцни, бидејќи треба да се донесе и подзаконскиот акт, тогаш, сакале или не сакале, ќе мора да биде од ноемвриската плата, односно од 1 декември, вели претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија – ОРМ, Ангел Димитров.

Тој додава дека овој закон е во интерес на работодавците, зашто им дозволува малку похрабро да настапат со зголемување на платите. Забележува дека државата ги плаќа само придонесите на зголемениот дел на платата, додека нето платата и персоналниот данок, или по ново данокот на личен доход, ќе падне на товар на работодавецот.

-Има различни ситуации. На оние работодавци кои преку подобра организација или набавка на нова опрема ќе успеат да ги подигнат нето платите, субвенцијата ќе им биде одредено олеснување. Но, тие кои мислат дека тоа можат да го направат само преку прекувремена работа, ризикуваат да ги изгубат и оние работници што ги имаат, смета Димитров.

Инаку, со предлог-законот се предвидува државата да ги плаќа придонесите за делот на платата кој е зголемен за сума што се движи од 600 до 6.000 денари, но не за сите вработени во една фирма, туку за оние кои работодавецот ќе ги означи во формуларот што го доставува до Управата за јавни приходи. Субвенции ќе можат да бараат само приватни фирми кои не ѝ должат ништо на државата и редовно исплатуваат плати, а како референтен период за покачување на платата се земаат последните три месеци.

Please follow and like us:

You May Also Like