МОЈАТА СМЕНА МОЖЕ ЦЕЛОСНО ДА ГО ЗАПРЕ БРЕГЗИТ, КАЖА ТЕРЕЗА МЕЈ ВО ПРЕСРЕТ НА ГЛАСАЊЕТО ЗА НЕЈЗИНА ДОВЕРБА

Премиерката Тереза Меј смета дека нејзината смена ќе значи одложување или целосно запирање на брегзит.

Само ден откако го одложи гласањето за договорот во британскиот парламент, сметајќи дека убедливо ќе биде отфрлен, кулминираше незадоволството во нејзината Конзервативна партија и Меј вечерва може да биде сменета од лидерската функција. Гласањето за нејзина доверба ќе се одржи во вечерните часови.

„Ќе се спротивставам на гласањето со сите сили. Ако бидам сменета, новиот премиер ќе мора да го укине или прошири Членот 50, односно да го одложи или целосно да го стопира брегзит“, изјави Меј, алудирајќи на механизмот со кој Велика Британија треба да излезе од Европската Унија до 29 март.

Според неа, тоа ќе ја стави земјата во голема неизвесност.

„Промената на лидерот ќе ја стави иднината на земјата во голем ризик и ќе предизвика неизвесност што не можеме да си ја дозволиме. Кога треба да бидеме единствени, ние ќе продолжиме да се делиме. Ништо од тоа нема да биде од национален интерес“, изјави Меј.

You May Also Like