ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

МОН апелира сите универзитети да се обидат да воведат онлајн настава

Од понеделник сите високообразовни установи во земјата да воведат онлајн настава со цел да продолжи академската година и студентите да го совладуваат материјалот согласно студиските програми на кои се запишани. Оваа тема беше фокус на разговорот помеѓу министерот за образование и наука Арбер Адеми и претставници на јавните и приватните универзитети на денешната средба во Министерството за образование и наука, по која беше одржана и прес-конференција.

Министерот Адеми извести дека согласно информациите од високо образовните установи, дел од нив веќе ја применуваат онлајн наставата за своите студенти, но интенцијата е од следната недела оваа форма на настава да се воведе на сите факултети.

„Се работи за начин на настава кој не е неизводлив и практично дел од факултетите веќе го применуваат не само сега, туку и во регуларен, нормален тек на студиската година. Олеснителна околност е и тоа што, станува збор за студенти, личности на возраст кога дигиталните вештини се веќе совладани, односно студентите посетуваат способности за ракување со ИТ уреди и за примена на онлајн алатки и апликации за едукација, за разлика од, да речеме, најмалите ученици првоодделенчиња, од кои голем дел не поседуваат ИТ уреди и не знаат да ракуваат со истите и за нив онлајн наставата е прилично тешка и не најсоодветна солуција. Овде ситуацијата е поинаква“, рече Адеми.

Министерот нагласи дека согласно информациите кои ги добил од ректорите од аспект на можности и информатичко – технолошка опременост на универзитетите и спремност на професорите да дадат личен придонес во целата заложба, очекува во текот на следната недела со оваа форма на едукација да бидат опфатени најголем дел од студентите.

„Тоа ќе биде голема придобивка за идните академски граѓани, чие време нема да биде залудно потрошено додека трае оваа кризна состојба, која тешко може да се предвиди во која насока ќе се движи, а ние сме должни активно да делуваме со цел на некој начин да обезбедиме нормализација на многу процеси во секојдневието кои се нарушени, вклучително и на образовниот процес“, потенцираше Адеми.

На прес-конференцијата се обратија и проф. д-р Никола Јанкуловски ректор на УКИМ и претседател на Интеруниверзитетската конференција, како и проф. д-р Томе Неновски ректор на УАКС и претседател на Конференцијата на приватни високо образовни установи во Република Северна Македонија кои изразија уверување дека постои силна заложба и координација помеѓу раководствата на универзитетите со цел да се помогне околу воведувањето на форми на далечинско учење на сите високо образовни установи каде се уште тоа не е направено.

Поради состојбата со ширењето на Корона вирусот, со одлука на Владата сите образовни установи во земјата се привремено затворени, а надлежните институции заедно со раководствата на градинките, училиштата и факултетите изнаоѓаат начини на неформална едукација со цел квалитетно и корисно пополнување на времето на децата на претшколска возраст, учениците и студентите додека се дома.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.