Мицотакис: Ќе го заштитиме брендот „Македонија“ и „македонски производи“

Голема кампања за заштита и зајакнување на „македонските производи“ и брендот „Македонија“ најави грчкиот премиер Мицотакис синоќа на саем во Солун.

Ова го соопшти додека говореше за развојот на грчката економија, уверувајќи дека тоа е клучно за просперитетот на Грција, но и услов за безбедноста на земјата.

„Апсолутен наш приоритет, за тоа многу пати имаме разговарано и со префектот, е заштита и зајакнување на македонските производи со формирање и меѓународно сертифицирање на еден колективен бренд за нив. Ќе го заштитиме брендот ‘Македонија’, вистинската Македонија, автентичната Македонија и ќе го поддржиме со една голема комуникациска кампања. За производите, ова ќе ги наведува, веќе без сомнежи, нивниот квалитет и нивното потекло наспроти секој конкурент. Конкретниот модел успешно беше испробан и за производи од Крит и да им даде нов импулс на производите од Македонија на пазарите во странство“, вели Мицотакис.

Употребата на името Македонија и придавките македонски/македонско за економски цели е едно од прашањата кои останаа отворени и по Преспанскиот договор. Начелно е предвидено ниту една од земјите да нема ексклузивитет при нивната употреба, но деталите треба да ги договори меѓудржавната комисија за трговски марки и стопанските комори од двете земји во следните три години..

Потпишувањето на преспанскиот договор, не ги скара грчките и македонски компании, потврдува и претседателката на ССК Данела Арсовска. Соработката, како и досега се одвива без проблем.

„ Пречки нема, најмногу забуни има во непознавањето на прописите, на правата на оние кои располагаат со трговските марки. Да знаат дека трговската марка има право на заштита која е интернационална и тие располагаат, доколку одлучат да оттуѓат или предадат на друга страна имаат право на надомест, компензација, но можат да одлучат и истото да не го направат“, вели Арсовска.

Дали „мејд ин Маседониа“ ќе замина во историјата, кој ќе биде слоганот на земјава и дали воопшто ќе се менува, во јавноста се уште нема официјална информација во која насока се движат преговорите на меѓународните комисии.

Следната средба треба да им биде на почетокот на ноември.

Please follow and like us:

You May Also Like