Мицотакис: Можно е подобрување на Преспанскиот договор

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис по средбата со германската канцеларка Ангела Меркел во Берлин со само една реченица го спомена Преспанскиот договор.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на својата прва посета на Германија со канцеларката Ангела Меркел разговарал за економски, финансиски, билатерални и регионални прашања. На прес-конференцијата во Берлин по средбата на двајцата државници, Мицотакис го спомена и Преспанскиот договор, но само со една единствена реченица:

„На канцеларката ѝ се познати моите ставови за Преспанскиот договор, кој е договор со сериозни недостатоци, но кој може да биде подобрен во рамките на вкупната европска перспектива на Балканот.“

Меркел не се осврна воопшто на ова прашање. Таа ја пофали реформската програма на владата во Атина и рече дека би сакала владата на Мицотакис да ја поттикнува приватизацијата. „Тоа значи и дека и за германските претпријатија ќе се отворат можности за инвестиции. Тоа германското стопанство сигурно радо ќе го искористи.“

Германската канцеларка и грчкиот премиер за почетокот на 2020 година најавија заедничка конференција со цел да се поттикне инвестирањето во Грција. Притоа акцент ќе биде ставен пред сѐ на заштитата на климата, нагласи Меркел.

Please follow and like us:

You May Also Like