ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Мицкоски спремен за преговори, но нема да прави компромис за Законот за ЈО

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на прес конференција ја обвини власта дека е фокусирана на опструкции и кочења на нов квалитетен Закон за јавно обвинителство. Според него носењето на квалитетен закон би значело дека „Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери“. Тој нагласи дека нема да прави компромис за ваков предлог закон.

„Со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она кое што незаконски беше направено односно преносот на процесите од СЈО во редовното ЈО. Да бидеме на јасно, закон со кој што ќе се амнестира криминал ниту преговарам, ниту пак прифаќам“, рече Мицкоски кој додаде дека, сепак, тие се подготвени да седнат и да преговараат.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изнесе неколку забелешки на предлог- законот што го добиле, меѓу кои дека е повредено уставното начело на единственост на јавното обвинителство, има нееднаков третман на јавните обвинители, се крши принципот на хиерархија, изборот на јавен обвинител ќе бил политичка проценка, а дека со решението и се оневозможува на новата Влада да предложи, а новото парламентарно мнозинство да го разреши Републичкиот јавен обвинител.

Преговорите меѓу власта и опозицијата за законот повторно се интензивираа откако еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји минатата недела во Скопје рече дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари. Министерката за правда Рената Дескоска вчера рече дека шансите дали ќе се донесе или не законот за јавно обвинителство зависат од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, а претседателот на СДСМ Зоран Заев остави можност за средба со Мицкоски, но и за преговори со други пратеници за обезбедување на потребното двотретинско парламентарно мнозинство.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.