Министерот Филипче: Воспоставуваме нов лабораториски систем за поквалитетна услуга и помалку трошоци за реагенси

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, на денешната
прес-конференција информираше за набавката на реагенси за
целата територија на Република Македонија, за периодот од 3
години.
Во изминатиот период, Министерството за здравство одржува
редовна комуникација со стручни лица и со здружението на
биохемичари. Заедно со сите засегнати страни се анализираат
претходните постапки за набавки на биохемиски тестови, со цел
да се подобри, односно одново да се дефинира техничка
спецификација со нова постапка.
„Правиме постапка којашто ќе ги содржи апсолутно сите сугестии
на второстепената комисија за јавни набавки. Ќе има повеќе
лотови, ќе биде делива, а со тоа и отворена за повеќе економски
оператори. На овој начин обезбедуваме конкуренција меѓу
економските оператори, нивен еднаков третман и
транспарентност во процесот на доделување на договор за јавна
набавка, а со тоа гарантираме рационално и ефикасно
искористување на средствата. Ве повикувам да го пратите
процесот, ние сме максимално инклузивни. Ќе известуваме и
имате отворена врата да ги пратите сите сегменти, сите чекори на
постапката“, изјави министерот Венко Филипче.
Во рамките на оваа постапка, ќе се направи лот за лис систем,
односно компјутерски систем кој ќе го следи трошењето на
реагенсите. Министерството ќе има увид во вкупната количина на
резерва со која располагаат ЈЗУ-ата, а врз основа на тоа
потрошувачката и во буџетите кои сега се трошат во сите јавно
здравствени институции.
„Сакаме значајно да ги намалиме трошоците. Сметаме дека на
сума од 35 милиони евра за 3 години ќе заштедиме најмалку 5 до
6, што ќе се согласите не е малку. И тие пари ќе ги инвестираме
назад во здравствениот систем, пред се во платите на
здравствените работници, но и на подобрување на опремата и
инфраструктурата“, додаде министерот Филипче.
Според досегашните анализи, сегашниот лабораториски систем е
несоодветен, скап и неодржлив. Во таа насока ќе се воспостави
нов систем на централизација на лабораториите, на ниво на град.
Пациентите се уште ќе вадат крв на истите места како досега, но
таа ќе се транспортира до главната болница на соодветен начин и
согласно критериумите на Европското здружение на биохемичари.
Исто така, со постапката ќе се бараат бесплатни апарати. Ова е веќе практика на економските оператори, за да се трошат нивните
материјали, а за министерството ќе значи дополнителна буџетска
заштеда.
Целиот процес како и подготвителната техничка спецификација ќе
биде транспарентен и отворен за јавноста преку електронскиот
систем за јавни набавки. Сите засегнати страни и заинтересирани
лица будно да го следат процесот и да учествуваат во текот на
целата постапка.

You May Also Like