Министерот за здравство не знаеше дека болници немаа греење

По три дена, корисниците на топлинска енергија од топланата Скопје Север денеска во 17 часот добиваат парно греење. Информациите до кои дојде Алсат велат дека, Топланата успеала да набави гас за оваа грејна сезона. Парите кои деновиве беа пречка топланата да работи се обезбедени и се очекува утре да легнат на сметката на Макпетрол Пром Гас, велат од Скопје Север.

Од топланата побарале и интервенција од Регулаторната Комисија за Енергетика за денеска Макпетрол Пром Гас да им испорача гас за да не поминат граѓаните уште една студена ноќ. Освен станбени објекти, топланата опслужува и неколку градинки и основни училишта кои вчера и денеска не работеа поради овој проблем.

А, министерот за здравство Венко Филипче денеска воопшто не ни знаеше дека три државни здравствени установи со денови немаа греење.

„Навистина не стигнала таква информација до мене, во текот на денот ќе ја проверам информацијата и ќе преземеме нешто“, рече министерот Филипче.

Оваа грејна сезона неколку пати топланата Скопје Север не е во можност да испорачува топлинска енергија бидејќи нема пари за набавка на гас. Регулаторната комисија за енергетика во овој случај не може да реагира бидејќи станува збор за договор потпишан на слободниот пазар за банкарска гаранција помеѓу Скопје Север и добавувачот на гас – Макпетрол Пром Гас. Главниот проблем е што топланата е во огромни долгови и не може да работи ликвидно.

You May Also Like