МЗЗПР: Работодавачите да ги пријават настраданите од автобуската несреќа за дополнителни бенефиции

Според Законот за безбедност и здравје на работа, сите патници што настрадаа во автобуската несреќа кај селото Ласкарци, а кои биле во работен однос и патувале кон својот дом, при што се повредиле или загинале во сообраќајната несреќа, потребно е од страна на работодавачите да бидат пријавени во Државниот инспекторат за труд како несреќи на работното место, соопшти Македонско здружение за заштита при работа. Оттаму предупредуваат дека непостапувањето на овој начин е прекршување на Законот и е предмет на прекршочна постапка.

Со пријавата од страна на работодавачите, на повредените вработени ќе им следуваат следните законски можности:

-Да имаат можност полн износ (100%) од платата да им биде исплатен за време на периодот на заздравување (имајте предвид дека при боледување, а кое не е поврзано со несреќа на работното место, можно е исплатената плата да биде помала и до 70%);

-Отсуството од работното место да биде заведено како „повреда на работа”, а со тоа, во понатамошниот работен век, доколку се појават одредени компликации, истите да може да се утврдат од каде потекнуваат и да се придонесе за превенција;

-По враќањето на работното место, вработените е неопходно веднаш да бидат упатени на насочени медицински прегледи, а со тоа да биде утврдена нивната преостаната работна способност. Ова е исклучително важно за секој од нив индивидуално доколку се јават одредени ограничувања во можностите за нивно целосно исполнување на работните задачи, а со првенствена цел да се заштити здравјето и интегритетот на работникот!, додаваат од здружението.

Please follow and like us:

You May Also Like