ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Мета нема да биде разрешен, одлучи албанскиот Парламент

Албанскиот Парламент на денешната пленарна седница со мнозинство гласови ја усвои препораката на парламентарната Анкетна комисија во врска со прашањето околу разрешувањето на претседателот Илир Мета.

Со 78 гласови „за“, беше одлучено претседателот Мета да не биде разрешен поаѓајќи од наодите во извештајот на комисијата, што го презентираше претседателот Улси Мања, а во кој стои дека прекршувањата на уставните надлежности од страна на претседателот Мета не се сериозни.

Против гласаа 17 додека воздржани беа осум пратеници.

На седница премиерот Еди Рама рече дека Мета заслужува да биде разрешен, но оти „се повикуваат на мислењето на Венецијанската комисија“.

– Илир Мета според нашата процена, заслужува да биде разрешен, но ние се повикуваме на мислењето на Венецијанската комисија. Затворајќи го ова прашање, најпрво, им кажувам на оние кои ја коментираат оваа одлука како промена на курсот во однос на Илир Мета, дека тоа не е така. Сметаме дека Илир Мета треба да биде разрешен, но ние сме различни од старата и новата партија, рече Рама.

Додаде дека владејачкото парламентарно мнозинство ќе поведе иницијатива за донесување „органски закон за институцијата Претседател“, во кој јасно ќе бидат наведени одредбите со кои не ќе може да се блокираат изборните процеси, да се избегнат скандалозни преседани, да се поедностават одредбите за именување членови на Уставниот суд, според препораките на комисијата и механизмите за деблокирање.

Парламентарното мнозинство, во што беше поддржано и од дел на опозициските пратеници, пред една година формира Анкетна комисија за разрешување на Мета, откако тој ја поништи уредбата со која најпрво локалните избори ги закажа за 30 јуни па ги презакажа за 13 октомври. Сепак локалните избори се одржаа на 30 јуни на кои учествуваше само коалицијата предводена од СП а опозицијата ги бојкотираше, па од 61 нов градоначалник дури 60 се од СП.

Социјалистите обвинија и дека Мета ги прекршил уставните надлежности и при изборот и давањето заклетва на уставните судии пред него.

Мета пак и пред Анкетната комисија и пред делегација на Венецијанската комисија, која престојуваше во Тирана, рече дека тој тоа го направил за да спречи „големи крвави нереди, што се подготвувале а за што добил информации од тајните служби“.

Петгодишнот мандат на Мета завршува на 24 јули 2022 година.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.