Кој ќе биде амнестиран за 27 април – пратениците сеуште без финален договор

Законот за амнестија и покрај претходните најави утре нема да се најде пред пратениците.

Текстот е подготвен но треба да го разгледаат и одобрат партиските органи и правните експерти. Од собраниската подгрупа за помирување засега нема информација кога ќе биде обелоденет целиот текст на законот.

Но од она што е познато е дека од кривичен прогон ќе бидат ослободени инволвираните во настаните од 27 април лани, но не и оние кои веќе се осудени, оние кои извршиле насилство помеѓу кои и лицата кои со фантомки влегоа во собранието, оние кои го спровеле и организирале крвавиот четврток, како и оние кои имале командна одговорност.

Целта како што велат од телото за помирување е законот да постави рамки во кои ќе се опишат дејствијата кои не можат да бидат амнестирани, а Кривичниот суд и Обвинителството да го имаат последниот збор врз основа на доказите да ценат дали законот важи за лице кое ќе се повика на амнестија.

И додека дел од експертите се на став дека со Законот за амнестија се врши упад во судската постапка која се води, амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар вели дека коментар за амнестијата ќе даде откако законското решение ќе стане официјално.

Обвинителката Вилма Рускоска по последното судско рочиште за најголемиот предмет за собраниските насилства рече дека не размислува за преквалификација на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, кои им се става на товар на 31 од обвинетите.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ го чека текстот на законот, но засега нивниот став останува непроменет дека селективната правда не е правда.

Please follow and like us:

You May Also Like