Костадинов бара да се расветли „бомбата“ за Богоевски, МВР и Обвинителство молчат

Социјалдемократите очекуваат надлежните институции да го разоткријат случајот со незаконското снимање, но и емитување на снимка која предизвика бурни реакции и барање оставка од пратеникот Павле Богоевски откако одекна „бомба“ на руска социјална мрежа од профил со псевдоним „Илија Громовник“, а во која пратеникот тврди дека нарачува масло од канабис.

– Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, особено и околу неовластеното снимање и емитување. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест и одговорност на секој пратеник. Законите важат за сите подеднакво – вели Коста Костадинов, портпарол на СДСМ.

Наспроти очекувањата на владејачката партија денеска молчи и МВР и Обвинителството. Случајот денеска не е забележан ниту во полицискиот билтен, иако пратеникот Богоевски вчера по сопствена иницијатива даде исказ во полицијата.

Во МВР за Плусинфо велат дека во текот на денот ќе излезат со одговори на прашањата поврзани со овој случај, а тоа го најавуваат и од Обвинителството кое вели дека сѐ уште не добиле допис од полицијата, но сепак ОЈО може и по допрен глас да отвори истрага.

На аудио снимката се слуша како Богоевски разговара на телефон и како нарачува, како што вели тој, масло од канабис за близок болен член од семејството, а не кокаин како што тврди авторот на постот на социјалната мрежа.

Богоевски вчера откри дека неговиот разговор бил снимен додека се возел во такси возило и затоа на снимката се слуша само неговиот глас. Разговорот е од пред неколку месеци.

Тој вчера попладнето сам се пријави во полицијата и јавно побара да му биде направен тест за наркотички дроги како доказ дека ја зборува вистината. Тој поднесе и пријава против непознат сторител поради незаконското снимање и емитување на неговиот разовор.

По барањата на јавноста и на социјалните мрежи Богоевски да даде оставка или тоа да го побараат неговите колеги, во Собранието објаснуваат дека пратениците не можат да покренат каква било постапка против пратеник за кого нема никаква судска одлука. За одземање на мандатот, на кој било пратеник, потребно е прво да има судска одлука и барање на надлежен судија, врз основа на кое претседателот на парламентот Талат Џафери би можел понатаму да иницира постапка во законодавниот дом.

Please follow and like us:

You May Also Like