Косово на чекор до сопствена војска?

Приштина има поддршка од „западните партнери“ за формирање војска. Дали е тоа засега формалност, бидејќи на војската ќе ѝ требаат десет години да биде оперативна или е вовед во „катастрофа“ како што се вели во Белград?

Кадри Весели веројатно би се радувал да е толку неприкосновен на Косово како што го сметаат белградските таблоиди. Поранешниот контраразузнавач на УЧК е прогласен, ни помалку ни повеќе, за „господар на Косово“. Овој „господар“ од денеска се наоѓа во САД како претседател на парламентот и како човек кој од Хашим Тачи, некогашниот миленик на Вашингтон, ја одзема Демократската партија на Косово.

Весели, како што пренесува приштинскиот весник „Коха диторе“, ќе стигне и до Пентагон, Стејт департментот и до Белата куќа, но не за да добие поддршка за формирање косовска војска – оваа поддршка, имено, одамна ја има. „Цел на посетата се координации со американските партнери пред формирање војска, и помош од САД за зголемување на воените капацитети“, изјави неименуван извор.

Заобиколување на Српската листа

Како што пишуваше порано ДВ, потврдено е дека во петок наредната недела (14.12.) во косовскиот парламент конечно ќе бидат изменети три закони за да се создаде простор за формирање „војска на Косово“. Трикот е во тоа што војската нема да се вика војска, туку и натаму ќе биде „Косовски сили на безбедност“ (КСБ), име кое се споменува во Уставот.

Така се обезбедува Уставот да остане непроменет, бидејќи неговата измена би барала поддршка од српските претставници во парламентот. Претставниците на Српската листа и натаму обезбедуваат мнозинство во владата на Рамуш Харадинај, иако не учествуваат во работата на владата. Но, досега повеќепати истакнуваа дека нема да гласаат за ништо што актуелните безбедносни сили ги придвижува во насока на вистинска армија.

Дали чекорот кон формирање војска е мудар потег или не – тоа не зависи од поддршката на Српската листа, вели за ДВ косовскиот политиколог Шпетим Гаши. „Ако НАТО, САД и главните членки на ЕУ го поддржат ова, тогаш потегот е адекватен. Но, ако се работи без благослов на овие играчи, тогаш потегот не е добар и веројатно ќе пропадне.“

You May Also Like