ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Корона-кризата зеде уште 3.600 работни места

Работнички во штипска текстилна фабрика се најновите „жртви“ на економската криза предизвикана од здравствената. Невладината организација „Гласен текстилец“ алармира дека вработени го губат работното место поради тоа што газдите не им го продолжуваат истечениот договор за работа на определено време, а на оние на неопределено им нудат да потпишат анекс на договорот за да работат со скратено работно време од четири часа дневно.

-Има колективни отпуштања или да не ги наречам отпуштања, непродолжување на договорите. Имавме случај во една фирма, каде што се случило непродолжување на договорите на 40 работници, сепак на оние кои се на неопределено им беше дадено да потпишат некаков анекс на договор, да бидат на четиричасовно работно време или да потпишат анекс на определено, со што, кога – тогаш ќе бидат под Агенцијата за вработување. На ова реагиравме, се состана правниот тим и на работниците им апелиравме да не потпишуваат ништо, вели Кристина Ампева, претседател на Гласен текстилец.

Преку „Фејсбук“ оваа невладината организација им порача на работодавците ако имаат деловни проблеми да дадат откази од деловни причини, па вработените да си ги остварат своите права преку Агенцијата за вработување.

-Факт е дека фирмата се соочува со тешкотии, но работниците не се колатерална штета за да трпат негативни последици поради деловни тешкотии на работодавачот. Од нас, совет е да не потпишувате НИШТО! Ако работодавачот има тешкотии нека даде откази поради деловни причини на работодавач, а не на еден ваков начин да се ослободи од вработените и притоа да ги избегне одговорностите и обврските. Знаеме дека ако даде отказ поради деловни причини, на што и наведува оваа ситуација, ќе треба да исплати испратнина на оние кои ги отпушта. Ќе треба да се исплати годишен одмор и регрес за годишен одмор и обврски кои се настанати. Затоа не потпишувајте ништо. Секако ќе постапиме во согласност со нашите ингеренции, но тоа можеме доколку вие не потпишувате договори кои ќе се на ваша штета. Денес се 40, утре ќе има нови откази. Затоа, не потпишувајте ништо, ги советува „Гласен текстилец“ работничките кои се пожалиле.

Текстилната индустрија е меѓу најпогодените од кризата не само поради немањето нарачки од странство, туку и поради затворање на погоните како резултат на ширење на инфекцијата меѓу вработените. Но, отпуштања има и во други дејности и не престануваат. Според директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, само во јуни бројот на работници кои останале без работа надминал 3.600.

-Во Агенцијата за вработување во периодот од  1 јуни до 30 јуни годинава со статус на невработени лица по основ на прилив од работен однос, чија одјава од задолжително социјално осигурување е регистрирана во период после 11 март 2020 година, односно во период на кризата предизвикана од  ковид-19 вирусот, се стекнале 3.656  лица, информира таа.

Со одлука на Владата невработените кои во период од 11 март до 30 април 2020 година останале без работа вонредно добиваат два месеца надомест преку Агенцијата за вработување без разлика на тоа колку време работеле во фирмата. Надоместот се добива без разлика дали отказот си го дал сам работникот, му го дал работодавачот или е спогодбен. Во петокот преку Агенцијата ваков вонреден надомест добија 2.873 невработени лица, на кои вкупно им беа исплатени 49.781.261 денари.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.