Колинда за десничарскиот хрватски неделник: „Не можам да ѝ свртам грб на Хрватска“

Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ во хрватскиот неделник најави дека ќе се кандидира за втор мандат на чело на државата, велејќи дека не може сега да ѝ сврти грб на Хрватска.

Секако, ќе се кандидирам за нов претседателски мандат, ќе ја објавам кандидатурата наскоро. Но, пред тоа сакам да работам како претседателка што е можно поголем дел од мандатното време“, рече Грабар-Китаровиќ во обемното интервју со главниот уредник и директор на хрватскиот неделник Ивица Маријачиќ.

„Како би изгледало јас сега да ѝ свртам грб на Хрватска и да прифатам некои од работните места што ми се нудат, кои се платени многу повеќе низ цела Европа и во светот, и да го напуштам мојот хрватски народ и моите деца, кои ја гледаат иднината овде“, објасни таа во неделникот кој излезе во четврток, на 8 август.

Таа рече дека првенствено се потпира на хрватскиот народ, но дека нема да ѝ сврти грб на партијата од која пораснала, без разлика дека во некои погледи не се согласува со нејзината политика, без разлика дали е во времето на Иво Санадер или на некој друг.

„Тоа што сум ѝ лојална на ХДЗ не значи дека не сум лојална на целиот спектар на луѓе што ја сакаат Хрватска“, рече Грабар-Китаровиќ за новиот број на весникот, кој се смета за десно политички ориентиран.

На прашањето дали во оваа ситуација, Андреј Пленковиќ и ХДЗ, кои доживеаа пораз на изборите во ЕУ, а и понатаму продолжува да им паѓа рејтингот, се помош или товар, претседателката рече дека не сака никого да обвинува или воздигнува. „Сè што ќе постигнам во животот е резултат на она што го работев со своите соработници. Сè е во моите раце“, вели таа.

Говорејќи за сомневањата на ветеранот на ХДЗ, Владимир Шекс, дека во кампањата би можело да се објави нешто компромитирачко, претседателката рече дека не знае што би можело да се објави. „Различни фабрикации се можни, но тоа им оди на душа на оние што сакаат валкана кампања. Јас нема да водам таква кампања“, рече таа.

Таа не сакаше да ги коментира противкандидатите: „Премногу е рано да се даваат такви проценки. Хрватскиот народ и граѓаните ќе го кажат своето. Наше е да го прифатиме гласањето на гласачите“.

Грабар-Китаровиќ вели дека сака да ја изведе државата на патот што го започнала во 90-тите. „Не да се вратиме во 90-тите години, туку да се вратиме на патот зацртан од претседателот Фрањо Туѓман, на патот на достоинство и гордост, на патот кон Европа што нема да биде покорнички, но и на пат на политичка одлучност, ефективност и одговорност“, рече таа.

Таа се залага за што е можно подобро брендирање на Хрватска додека претседава со ЕУ. Она што јас го предлагам е да покажеме дека Хрватска не е никаква мала држава. Важно е Западен Балкан да влезе во ЕУ, особено БиХ – но тоа да биде лајтмотив на нашето претседателство? Хрватска е многу повеќе од тоа. Затоа Хрватска ја извлеков од т.н. регион во средна Европа, добив поддршка од претседателот Трамп и претседателот Путин“, рече Грабар Китаровиќ.

Please follow and like us:

You May Also Like