КАМЧЕВ ДЕНЕСКА СВЕДОЧЕЛ ЗА „РЕКЕТ“ КАЈ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОСКА

Во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција пред обвинителката Вилма Русковска денеска исказ дал бизнисменот Орце Камчев, како сведок за случајот „Рекет“, потврдија од Обвинителството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Според Обвинителството, Камчев денеска го дополнил првиот исказ даден на 2 мај, кога и го пријавил случајот „Рекет“.

Првата страна од тој прв исказ на Камчев запишан на хартија што го дал во предистражна постапка во Обвинителството за организиран криминал, во саботата го објави порталот Инфомакс близок до ВМРО-ДПМНЕ, а Обвинителството предупреди дека откривањето доверливи информации е кривично дело и најави дека ќе истражи како документот протекол во јавноста и ќе бара одговорност за сторителите. Но, иако објавувањето доверливи информации е кривично дело, Обвинителстовото не поднесе кривична пријава против Инфомакс.

Од Обвинителството велат дека денешното сведочење на Камчев не е за протечениот записник, туку за случајот „Рекет“.

Во истрагата „Рекет“, осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра со тргување со влијание врз јавен обвинител и перење пари се Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец, кои се во притвор од 15 јули, а осомничена за злоупотреба на службената положба и овластување е Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор од 21 август. Случајот се однесува на земање поткуп од бизнисменот Орце Камчев, кој е еден од осомничените во „Империја“ на СЈО за перење на над 11 милиони евра, за негово ослободување од притвор и враќање на пасошот. Тоа се случувало од ноември 2018 до април 2019.

„Еден од осомничените (Боки 13 н. з.), со влијание врз Јанева врз база на претходно изградено блиско пријателство, влијаел врз неа за таа да преземе недозволени дејствија за на едно лице (Орце Камчев н. з.) да му се олесни притворот, да му се замени со куќен притвор, да предложи во СЈО спогодба за вина со плаќање на отштета и враќање на пасошот“, рече на 21 август Јавниот обвинител Љубомир Јовески по апсењето на Јанева, поткрепувајќи го ова фактографски со датуми и активности потоа со кои се реализирани сите овие ветени олеснувања.

Јовески кажа дека двајцата, за да го убедат осомничениот Камчев дека кај Јанева имаат влијание, преку спикерфон од телефонот добиле нејзина потврда пред Камчев дека ветувањата за олеснувањата ќе бидат извршени од неа. По ова, сопругата на Орце, Ана Камчева му платила на посредникот Јовановски првин 500.000 евра, а потоа Камчев од куќен притвор доплатил уште милион евра, рече Јовески. Со ветување дека Камчев ќе биде заштитен сведок и ќе плати со спогодба, без да оди в затвор, Јанева прибавила имотна корист – мебел во износ од 298.000 денари (околу 5.000 евра), што за Специјалната обвинителка го набавил еден од осомничените, во исто време кога бил доплаќан милионот евра за Боки 13 и за Зоки Кичеец.

Please follow and like us:

You May Also Like