Истражителите на обвинителката Рускоска влегоа во СЈО

Бонусите во висина од 70 до 160 илјади евра кои во текот на мандатот си ги доделиле Јанева и нејзиниот тим се причината поради која Обвинителството за гонење на организиран криминал почна предистрага. Ќе се утврдува дали се е законски и како е одредувана висината на надоместоците

СКОПЈЕ- Истражители од Обвинителството за гонење на организиран криминал кое го раководи Вилма Рускоска, денеска влегоа во канцелариите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во рамките на предистрага која се однесува на финансискиото работење на СЈО, односно платите и бонусите кои им биле исплаќани на пораншениот шеф – Катица Јанева и нејзиниот тим обвинители. Од она што ќе го откријат истражителите од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција зависи и дали ќе се вклучат и други државни институции во овој случај.

Истражителите кои сеуште се во зградата на СЈО, пристигнаа околу пладне. Од Обвинителството за гонење на организиран криминал соопштија дека денеска нема да има официјална информација но потврдија дека ќе се собира документација и ќе се испитуваат факти.

Неофицијално, истражителите се фокусирани на документите со кои се одредува и одобрува исплатата на додатоците и надоместоците меѓу кои е и оној за доверливост, односно да ја чуваат и да не ја откриваат содржината на незаконски прислушувани разговори.

Пред само неколку дена, преку владината базата „Отворени финансии“, се откри дека Јанева и нејзиниот тим месечно добивале стотина илјади денари како надоместок за доверливост. Според овие официјални податоци, во текот на четиригодишниот мандат Јанева земала дополнителни 157 илјади евра само по основ на овој надоместок. Таа, од почетокот на годинава па се до нејзината оставка, си доделувала месечен надоместок во висина од 250 илјади денари.

Бонусите кои ги добиле останатите обвинители се движат од 50 до 180 илјади денари месечно а останатите обвинители во текот на нивниот мандат добиле од 70 до 110 илјади еврапо основ на овој надоместок.

Поранешните обвинители од СЈО засега се воздржано и без официјален коментар. Нефоцијано, За Гласот на Америка на македонски, велат дека се било законски и дека нема ништо спорно а бонусите биле исплаќани од Буџетот на СЈО, за нив знаеле и до Советот на Обвинители и до Собранието. Нашите извори од УЈП се во иста линија со нивните тврдења и потврдуваат дека средствата легнувале на трансакциските сметки на обвинителите во рамките на месечната плата.

Јавноста жестокот реагираше на информациите околу бонусите за доверливост, пред се поради висината на платите кои ги имаат обвинителите како и разните надоместоци кои ги добиваа.

Премиерот Заев пак повика на трпеливост и воздржаност се додека републичкиот јавен обвинител не се произнесе по овој случај.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ пак, побара итна седница во Собранието на која на дневен ред ќе се постави нивното барање за формирање на Анкетна комисија која би требало да го испитува финансикото работење на СЈО.

Доколку истражителите на обвинителката Рускоска откријат било какви нерегуларности во финансикото работење на СЈО, од УЈП и од Антикорупциската комисија најавија дека ќе се вклучат во случајот и ќе отворат постапки и предмет.

Годишниот Буџет на СЈО беше 228 милиони денари или нешто помалку од четири милиони евра.

Please follow and like us:

You May Also Like