Иран им се закани на САД: „Војната со нас е мајка на сите војни“

Војната со Иран е мајка на сите војни, рече иранскиот претседател Хасан Рохани, уште еднаш предупредувајќи дека преминот на танкерите преку Ормускиот теснец можеби не е безбеден.

Стравувањата од војна на Блискиот исток со глобални последици се зголемија откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година одлучи да се повлече од историскиот договор што Иран го потпиша со светските сили во 2015 година, откажувајќи се од развојот на нуклеарно оружје во замена за олеснување на санкциите.

„Мирот со Иран е мајка на целиот мир, војната со Иран е мајка на сите војни“, рече Рохани во говорот во министерството за надворешни работи во кој го поддржа министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф, против кого САД на 31 јули воведоа санкции.

Ако САД сакаат преговори со Иран тогаш мора да ги укинат сите санкции, додаде Рохани, истакнувајќи дека на Иран мора да му се овозможи да извезува нафта.

Минатиот месец Иранската револуционерна гарда заплени британски танкер Стена Имперо во близина на Ормускиот теснец поради наводно кршење на поморското право. Тоа се случи две недели откако Британија заплени ирански нафтен танкер во близина на Гибралтар, обвинувајќи го за кршење на санкциите наметнати врз Сирија.

„Премин за премин. Не може Ормускиот теснец да биде слободен за вас, а Гибралтар неслободен за нас“, истакна Рохани.

Околу една петтина од светската нафта поминува низ стратешкиот Ормуски теснец помеѓу Иран и Оман.

Иранската револуционерна гарда заплени ирачки танкер со образложение дека шверцувал нафта и приведе седум членови на екипажот, пренесоа иранските медиуми.

Please follow and like us:

You May Also Like