Зошто Унгарија трупа резерви на злато?

Унгарската централна банка соопшти дека десеткратно ги зголемува резервите на злато, од 3,1 на 31,5 тони. 

Според порталот IntelliNews, купеното злато физички ѝ било испорачано на Унгарија во првата половина на октомври.

Банката не откри колку платила за 2.300 златни плочки, но цената за една унца злато на светската берза изнесуваше меѓу 1.190 и 1.230 долари на почетокот на месецот, кога Унгарската централна банка го изведе првото обновување на резервите злато од 1986 година.

Во почетокот на 70-тите, резервите на злато на Унгарија изнесуваа 65 до 70 тони. По одлуката донесена кон крајот на 80-тите за намалуање на резервите на злато, износот беше сведен на 10 тони, а подоцна падна на актуелните 3 тони.

Во март годинава, Централната банка врати во земјата 100.000 унци злато од Лондон.

„Чувањето на резервите злато на локација што гарантира сигурност во случај на геополитичка криза е многу важно“, соопшти тогаш Банката, алудирајќи на кризата со Брегзит во Велика Британија.

Држењето на овој благороден метал на домашен терен е во согласност со актуелните меѓународни трендови – така се поддржува финансиската стабилност и може дополнително да се подобри довербата на берзите во унгарското стопанство, стои во соопштението на Централната банка на Унгарија.

Вредноста на унгарските резерви на злато изнесува околу 1,24 милијарди долари, според моменталните цени. Делот на унгарските резерви на злато во меѓународните резерви изнесува 4,4 %, што е во склад со просекот на земјите во Централна и Источна Европа кои не се членки на еврозоната, нагласува Банката.

На глобално ниво, најголеми резерви на злато имаат САД – повеќе од 8.000 тони.

You May Also Like