Зошто Саудиска Арабија и Иран се лути ривали?

Саудиска Арабија и Иран се два силни регионални соседи и повеќегодишни соперници во борбата за регионална доминација.

Неодамнешните напади врз саудиските нафтени инсталации, за кои го обвинуваат Иран, уште повеќе го продлабочуваат непријателството на двете земји.

Деценискиот конфликт на Ријад и Техеран дополнително го обременуваат верските разлики – во Иран доминираат шиитските муслимани, додека Саудијците себеси се гледаат како водечка сунитска муслиманска сила, пишува Би-би-си.

Таа поделба во исламот се рефлектира во целиот регион на Блискиот Исток, бидејќи останатите земји кои се делат на оние со мнозинско шиитско или сунитско население бараат поддршка и лидерство од Саудиска Арабија или Иран.

Историски, Саудиска Арабија како „кралство и родно место на исламот“ се смета себеси за лидер на муслиманскиот свет.

Од друга страна, по Исламската револуција во Иран во 1979 година е создадена нова држава – револуционерна теократија, чија цел е тој модел да го прошири на соседните земји, наведува Би-би-си.

Американската инвазија во Ирак во 2003 го урна од власт Садам Хусеин, сунит, и тоа ѝ го отвори патот на владата во Багдад во која доминираат шиитите, а иранското влијание врз шиитите во таа земја од тогаш расте.

Подоцнежните востанија низ арапскиот свет предизвикаа политичка нестабилност во целиот регион, а Иран и Саудиска Арабија ја искористија ситуацијата за да го прошират своето влијание, особено во Сирија, Бахреин и Јемен.

Така во последните 15 години ривалството станува сѐ посилно, а британскиот јавен сервис оценува дека Иран на многу начини победува во регионалната трка.

Се наведува дека во Сирија иранската поддршка на претседателот Башар ал Асад им овозможи на неговите сили во голема мера да ги уништат бунтовничките групи кои ги поддржуваше Саудиска Арабија.

Регионалните тензии ги влошува и „милитантниот авантуризам“ на младиот и импулсивен саудиски престолонаследник Мохамед бин Салман, кој е фактичкиот владетел со земјата, која води војна против Хутите, бунтовничко движење во Јемен, кое го поддржува Иран.

Од друга страна, Иран негира дека ги снабдува Хутите со оружје, иако извештаите на Обединетите нации го кажуваат спротивното.

За САД и другите западни сили, слободата на пловењето во Арапскиот Залив е од суштинско значење и секој конфликт кој би можел да го блокира пловниот пат за транспортот на нафтата би можел лесно да ги придвижи американските поморски и воздухопловни сили.

Долго време САД и нивните сојузници го сметаат Иран за дестабилизирачка сила на Блискиот Исток, а саудиските лидери сѐ повеќе го доживуваат Иран како егзистенцијална закана.

Сепак, ранливоста на Саудиска Арабија се покажа со последните напади врз нејзините нафтени ресурси, заклучува Би-би-си.

Please follow and like us:

You May Also Like