Зошто Орбан прифаќа криминалец од Западен Балкан?

Поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој во својата земја доби двегодишна затворска казна за корупција, доби азил од унгарските власти, вели ЕУ обзервер.

Груевски успеа да избега во Будимпешта со помош на унгарските власти и покрај фактот што пасошот му беше одземен во Македонија.

Ова е уште едно прашање што сериозно го поткопува кредибилитетот на Будимпешта во очите на партнерите во ЕУ и НАТО.

Зошто Унгарија му даде азил на осуден политичар што работеше против пристапот на Македонија во ЕУ и НАТО, ризикувајќи си понатамошно влошување на меѓународниот углед? И што ни кажува овој случај за унгарската надворешна политика?

Унгарската канцеларија за имиграција и азил (БАХ) на 20 ноември му додели на Груевски статус на бегалец, јави провладиниот печат.

Иако официјалната верзија е дека одлуката е заснована исклучиво на правна основа и дека нема никаква врска со политичката, реалноста лесно го побива ова тврдење.

Прво, во централизираниот унгарски систем, таквата одлука мора да биде одобрена на највисоките нивоа на унгарската администрација.

Груевски побарал азил во амбасадата на Унгарија во Тирана на 10 ноември, каде што добил дозвола за влез во Унгарија. Тој патувал преку Црна Гора и Србија во унгарски автомобили со дипломатски регистарски таблички, придружуван од персонал на унгарските амбасади.

Исто така, одлуката за негово барање за азил беше донесена со невообичаено брзо темпо, што укажува на јасно политичко влијание.

Додека шефот на БАХ ги информираше членовите на Комитетот за национална безбедност и им кажа дека за одлуката ќе требаат уште неколку недели, во меѓувреме, Груевски всушност добил статус на азил.

Иронијата е: иако официјалната верзија на владата е дека Груевски добил право на азил исклучиво на правна основа, без оглед на тоа, премиерот Виктор Орбан даде јасно и детално политичко објаснување за одлуката.

„Треба да ги третираме нашите сојузници со почит“, рече тој во едно неодамнешно интервју. Но тој не мислеше на сојузниците ЕУ и НАТО, туку на Груевски, тврдејќи дека тој е еден од ретките политичари што го поддржуваат во прашањето на миграцијата, преку подигнување огради за запирање на протекот на луѓе.

Тој исто така рече дека истите сили што ја поддржуваат миграцијата се против барањето на Груевски за азил – тврдејќи дека овие институции и политичари биле финансирани од Џорџ Сорос, па така Груевски им бил непријател.

Орбан изрази задоволство што еден поранешен лидер на друга земја мислел дека може да добие праведен третман во Унгарија.

И конечно, Орбан ги навести политичките мотивации зад одлуката на македонското судство – иако Специјалното обвинителство, чија истрага резултираше со двегодишна затворска казна за Груевски за корупција, беше создадено со голема поддршка од ЕУ.

Тоа што Орбан ненадејно го обвини македонскиот правен систем за политичка пристрасност е особено иронично, зашто во последните пет години Унгарија никогаш не го критикуваше македонското судство и никогаш нема одбиено никакви македонски барања за екстрадиција – кои ги имаше околу 15 во изминатите неколку години.

 

Чисто Орбанова одлука

Значи, нема сомнеж: оваа одлука е одлука на Орбан.

И таа може да има негативни дипломатски последици. Критики дојдоа и од ЕУ и од САД и тоа може дополнително да го поткопа кредибилитетот на надворешната политика на Унгарија.

Оваа одлука може да ги ескалира тензиите помеѓу Вашингтон и Будимпешта, во услови кога односот е далеку од розов.

Исто така, потенцијалниот меѓународен скандал може да ги ослабне унгарските позиции во процедурата за санкциите од членот 7 во советот и во преговорите за буџетот на ЕУ.

Ова води кон прашањето: зошто Орбан го презеде овој ризик? Има три можни причини (не сметајќи ги неоснованите теории на заговор што очекувано се појавија).

 

Три причини

Прво, за Орбан, Груевски беше навистина важен идеолошки сојузник, кој го инспирираше, на пример, да ја води кампањата „Стоп Сорос“ и симбол на антимиграциската политика. А овој потег може да биде порака до неговите источни пријатели дека тој е сигурен партнер: не на НАТО, туку нивен.

Второ, Орбан може да им испрати порака и на западните партнери. А пораката е: „Не ми е гајле што велите“. По третата изборна победа по ред со двотретинско мнозинство, Орбан би сакал да го прошири својот дипломатски простор за маневрирање и да им испрати пораки на западните партнери дека ги следи сопствените правила, наместо да ги прифаќа туѓите.

Унгарската одлука е јасен показател дека Будимпешта не гледа потреба да ги остварува интересите на Вашингтон или на Брисел.

Наместо тоа, Орбан сака да стекне дополнителен адут со нетипичните чекори што ги разбеснуваат сојузниците и на тој начин да ја крене Унгарија на ниво на поважна земја кога се преговара за клучните прашања.

Трето, Орбан со овој потег може да ги задоволи важните играчи на Истокот. Унгарската влада и Орбан лично и доследно го поддржуваа Груевски со политички изјави и медиумски, додека партијата на Груевски се спротивстави на промената на името на Македонија, неопходна за земјата да пристапи во НАТО.

Невозможно е тоа да се објасни врз основа на интересите на надворешната политика на Унгарија.

Во последните две децении политиката на Унгарија за Балканот ја поддржуваше евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан.

Но давањето азил на осудениот македонски политичар е јасен знак дека унгарската променлива стратегија продолжува да врти кон исток.

Овој потег им служи само на интересите на Русија, земјата што силно се спротивставува на секое ширење на НАТО.

Иако поранешниот македонски премиер можеби нема да биде корисен за Русија на политичко ниво, неговите ставови се во согласност со руските интереси и може да бидат промовирани преку руски дезинформации во Македонија и во Европа.

И ова не е единствениот проблем што поттикнува прашања.

Унгарија ја блокира евроатлантската интеграција на Украина поради спор околу контроверзниот закон за образование на Украина.

Унгарија, исто така, им даде засолниште на лица со матно минато, како што е синот на шефот на руската надворешноразузнавачка служба (СВР), Сергеј Наришкин, и човекот со парите на сирискиот диктатор Башар ал Асад.

Се чини дека Унгарија, исто така, екстрадираше шверцери на оружје во Русија наместо во САД откако беа заробени со помош на американските полицајци, според некои медиуми.

Општоприфатеното мислење за Орбановата Унгарија е дека и покрај непочитувањето на демократијата, Унгарија останува сигурен сојузник во ЕУ и во НАТО и секогаш ја поддржува алијансата во најкритичните последни моменти.

И покрај тоа што тоа беше вистина во првите години откако Орбан се врати на власт во 2010 година, има сè повеќе и повеќе знаци дека ситуацијата се менува.

Иако Унгарија за некои прашања сè уште се држи до главните политики на ЕУ / НАТО (на пример, поддржувајќи ги санкциите против Русија), Унгарија сè повеќе им изразува лојалност на новите „сојузници“ на Истокот, наместо на пријателските членови во западните институции.

Орбан се чувствува сигурно дека без оглед што ќе направи, нема да доживее сериозни последици од ЕУ, НАТО, Европската народна партија (ЕПП) и од Вашингтон.

Досега беше во право. Ако остане оваа ситуација, тој ќе преземе сè поголеми чекори кон Исток, истовремено уживајќи во безбедноста на институциите на Западот, како што се ЕУ и НАТО, и извлекувајќи корист од нивната пасивност.

Автор: Питер Креко, директор на Институтот за политички капитал во Будимпешта

Извор: ЕУ обзервер

You May Also Like