ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Запленет глисерот на второосомничениот во случајот „РЕКЕТ„, – Кичеец

Јавното обвинителство заплени еден глисер во Охрид, во сопственост на второосомничениот во истрагата „Рекет“, Зоран Милевски- Кичеец. Ова е единствената денешна мерка која до овој момент ја потврдува институцијата, откако од утрово се појавија поголем број на новинарски текстови во кои се говори за заплени и на луксузни возила со вкупна вредност од околу еден милион евра.

Во недостаток на други детали во врска со случајот, денешните реакции се фокусирани на вчерашната изјава на обвинителката за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска. Таа вчера за ТВ Телма изјави дека на еден од тајно снимените разговори од средба меѓу уценувачите и уценетиот на спикерфон била приклучена и специјалната обвинителка Катица Јанева. Во изјавата, Рускоска сепак не кажува и што бил предмет на разговорот.

Тоа беше повод познатата адвокатка Сузана Јошевска Анастасовска да објави Фејсбук колумна, во која обвини дека е недозволиво да се пуштаат полу-информации во јавноста, за кои потоа нема јасно објаснување.

Зошто спомнувате дека се слуша при изнудата “разговор со јавен обвинител”, а не кажувате што од тоа сте утврдиле. Вмешаност или не??? Како тоа “во иднина може да се прошири истрагата” ако имате снимки?? Зошто не ја отворите истрагата против сите инволвирани (постоење на основано сомнение) па врз основа на резултатите да покренете обвинение само против оние лица за кои ќе се уверите дека можете да докажете кривично дело пред непристрасен суд, како во секоја нормална држава?- изјави Сузана Јошевска Анастасовска- адвокатка

Реакции на изјавата на Рускоска имаше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. И тие бараат одговори, зошто ниту еден обвинител не е осомничен во случајот, доколку се слуша негов или нејзин глас на спикерфон при една од средбите. Бараат и обвинителството да одговори дали луѓе од власта се вмешани во случајот.

Обвинителката Вилма Рускоска вчера имаше повеќе изјави за различни медиуми. Меѓу другото, кажа дека очекува вештачењето на телефонот на Катица Јанева да заврши утре и дека во меѓувреме на обвинителството му пристапуваат и други лица кои тврдат дека биле уценувани. Но, обвинителката потенцираше дека истрага е отворена само за случајот и за лицата за кои имало цврсти докази. За останатите, кажа, се уште се прибира материјал кој би можел да докаже нечија евентуална вмешаност.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.