Заев-Санчез: Вмрежувањето на младите во регионот и Европа, за побрза евронтеграција

Премиерот Зоран Заев денеска оствари средба со  директорот на Асоцијацијата на европска младинска картичка (EYCA), Манел Санчез, на која се актуелизира идејата за отпочнување на имплементацијата на европската младинската картичка во Република Македонија, со цел младите во земјава да ги користат истите бенефиции како нивните врсници од ЕУ, што ќе донесе поголем квалитет во европеизацијата на државата.

Како што соопшти владината прес-служба, Заев, изрази задоволство што Македонија може, со свој придонес во развојот на размена на искуства идеи и човечки капацитети, да го поддржи развојот на младинските политики во рамките на Европската унија, иако земјата сè уште не е официјално членка на Унијата.

На средбата, на која присуствуваа и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, директорката на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност Лидија Димова, како и специјалниот советник за спорт и млади, Ѓорѓи Тасев, премиерот зборуваше за инклузивноста во пристапот, што ја засили мотивацијата на младите во креирањето на младинските политики на нашата земја.

Тој нагласи дека и институциите на земјава се спремни да се заложат за успешно имплементирање на овој проект, затоа што, според него, младинската картичка дефинитивно ќе ја засили мобилноста и соработката помеѓу младите во земјава, но и помеѓу младите од соседните држави и пошироко. Претседателот на Владата на РМ Заев, додаде дека таквата младинска соработка, интензивна комуникација и вмрежување ќе ја подобрат  информираноста на младите луѓе за подобро меѓусебно запознавање.

– Тука сме да го поддржиме имплементирањето на европската младинска картичка. Овој проект е одлична мотивација за уште поголема вклученост на младите во многу сфери на општествениот живот, затоа што претставува алатка за меѓусебно комуницирање на нивниот современ јазик преку заеднички теми на интерес. Со ова ги потврдуваме нашите вредности дека младите се високо на пиедесталот во нашето општество, и им излегуваме во пресрет да можат да бидат на исто рамниште со своите колеги и врсници од Европската Унија и државите од Европскиот континент, рече премиерот Заев на средбата.

Директорот Санчез информираше дека оваа картичка веќе се користи во 40-тина земји во Европската Унија, и изрази благодарност за отвореноста на премиерот и Владата на Република Македонија, да го поддржат овој процес во блиска иднина.

You May Also Like