Заев и Анѓушев на промоција на стартап-проекти: Влогот во овие бизниси е за заеднички напредок и прогрес

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, имаа свои обраќања на настан во организација на Фондот за иновации и технолошки развој за промоција на 48 стартап-проекти добитници на финансиска поддршка од двата повика на „Стартапувај“.

„Кога треба да ги поддржиме младите луѓе и нивните иновативни бизнис-идеи тогаш задоволството е обострано и е најголемо. Вложувањето во вашите стартап-бизнис идеи е вложување во иднината и во нашиот заеднички напредок и прогрес“, рече Заев.

Тој им се обрати на добитниците на грантови од повикот „Стартапувај“ и потенцираше дека младите луѓе се носители на промената што се случува во нашата земја.

„Јас сум уверен дека сите овие 48 проекти ќе бидат успешни и ќе донесат нова додадена вредност во нашата економија и на свој начин ќе го подобрат нашиот заеднички живот. Фондот за иновации и технолошки развој заедно со Светска банка обезбеди средства во висина од 1,8 милиони евра како финансиска поддршка за овие проекти“, нагласи премиерот.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека денешното време е време на стартап-компаниите.

„Амазон, Фејсбук, Тесла, Епл се компании кои започнале како стартапи, имале брз раст, а денес вредат многу. Друг пример е Mobile Eye, стартап-компанија од Израел, кои го иновираа системот за самоуправувачки возила, а е продаден за двоцифрена вредност во милијарди. Владата ги креираше мерките од Планот за економски раст токму во таа насока, за поддршка на компаниите технолошки да се развиваат и да внесуваат иновативни решенија и резултатите покажуваат дека мерките се искреирани правилно“, порача Анѓушев.

Please follow and like us:

You May Also Like