Заев во офанзива за обезбедување двотретинско мнозинство

Се интензивираат политичките напори за добивање гаранции дека за уставните амандмани ќе гласаат барем две третини од пратениците. Поддршката што четворицата пратеници на БЕСА и на Алијансата на албанците ја дадоа во првата фаза од процесот на менување на Уставот е доведена во прашање откако не беа целосно прифатени нивните барања.

Попладнево, премиерот Заев очекува од лидерот на БЕСА, Касами, да слушне што ја загрижува неговата партија и неговите гласачи. Тоа се партии кои ја поддржуваат интеграцијата во НАТО и во ЕУ и до сега имаа конструктивен пристап, а нивните сугестии, според Заев, веќе се вградени во предложениот текст на уставните амандмани.

Двете опозициски партии на албанците не се уверени во тоа. Поднесоа амандмани на амандманите со образложение дека Уставот треба да гарантира рамноправна положба на албанскиот и македонскиот народ.

БЕСА има три амандмани за да се прецизира дека државата не е моноетничка, како што имплицира делот “македонско државјанство“. Имаат забелешки и на ставањето акцент на македонскиот народ, додека другите се етнички заедници, како и во делот на дијаспората.

Амандманите на Алијансата се слични. Со седум амандмани бараат албанскиот јазик и неговото писмо да се употребуваат на целата територија на државата, по зборовите „самостоја суверена“ да се додаде „мултиетничка“, а зборовите „македонскиот народ“ да се заменат со „граѓани“, за да се истакне мултиетничкиот карактер на државата. Во наредните денови се очекува Заев да се сретне и со лидерот Зиадин Села, кој пак е дополнително сензибилизиран поради амнестијата за 27 април.

Од 9-ти јануари во Собранието почнува финалната фаза од уставните промени. ВМРО-ДПМНЕ најави дека нема да учествува, па извесно е дека расправата нема да трае 12 дена, колку што е максимално дозволено, па гласањето треба да се очекува до 15-ти јануари. Потребни се најмалку 80 гласа, а за менување на Преамбулата, и Бадинтерова поддршка.

Please follow and like us:

You May Also Like