Заврши опозицискиот протест во Тирана

Со обраќање на опозицискиот лидер, демократот Љуљзим Баша, пред седиштето на партијата, со пеење на албанската национална химна и најава за продолжување на протестите, заврши денешниот масовен антивладин собир во Тирана, организиран од обединетата опозиција.

Учесниците на протестот, Баша ги нарече мисионери на слободата, кои заслужуваат благодарност од сите Албанци низ генерации.

– Денешниот ден влезе во нашата посткомунистичка историја, како ден на најголемото единство на плоштадот „Народни херои“ а за ова секој Албанец денес и секоја генерација во иднина, им должат благодарност на мисионерите на слободата и демократијата, истакна Баша.

Потоа тој ја истакна одлучноста на демонстрантите, која, според него, предизвикала паника кај Еди Рама и власта.

– Целиот свет денеска ја виде вашата одлучност да ја освоите слободата и демократијата што ја заслужувате. Денеска видовме како во паника се тресе Владата. Сите оние што ја бранеа мафијата на власт ќе сносат одговорност, рече лидерот на ДП.

На крајот од својот говор, Баша, исто така, упати порака и до меѓународниот фактор, кој, како што рече речиси цело време држеше спротивен став од оној на Демократската партија и на опозицискиот фронт.

– Сакам да испратам порака до нашите меѓународни пријатели, кои не поддржаа во овие 29 години. Нема демократија без стабилност. Не ги слушајте корумпираните адвокати и човекот кој ја потона Албанија во дрога, туку слушајте го гласот на Албанците, им порача Баша на меѓународните претставници, кои повторно побараа опозицијата да се откаже од бојкот и да се врати во Парламентот.

Лидерот на опозицијата уште еднаш истакна дека протестите ќе продолжат и во наредните денови и оти ќе се прошират низ цела Албанија, со „уште поголема решителност“.

Тој нагласи дека во Европа не се оди без слободни и фер избори и го повтори предупредувањето на Рама дека нема да дозволи земјата да се раководи на мафијашки начин.

Во меѓувреме премиерот Рама од Берат, каде беше на средба со 200 туристички оператори, порача дека Владата ќе остане до завршување на мандатот кој го добила на изборите во 2017 година.

На овој начин тој им одговори на демонстрантите кои извикуваа „Рама оди си“, како и на денешната изјава на лидерката на третата по големина партија во Албанија, опозициското Социјалистичко движење за интеграција, Моника Круемади, која изјави дека Еди Рама веќе размислува за името на новиот премиер и оти се подготвува за предвремни парламентарни избори.

Please follow and like us:

You May Also Like