Жестоки протести на албанската опозиција во Тирана

Тирана денеска е силна под полициска опсада. Паралелно со седницата на парламентот, протестира опозицијата. Пред парламемнтот одекнува: „Рама оди си“! Албанските медиуми јавуваат дека илјадници демонстранти, поддржувачи на опозицијата, заедно со опозициските лидери уште рано изутрина ја опколија зградата на законодавниот дом и бараат оставка на владата и распишување на предвремени парламентарни избори. Демонстрантите ја обвинуваат владата за корупција и криминал во државата.

Лидерот на албанската опозиција, Љуљзим Баша, пред илјадниците демонстранти порача дека иднината на Албанија е во идната влада која ќе го брани достоинството на секој Албанец. Уште еднаш повтори дека само слободни и фер избои ќе ја отворат вратата на Европа.

„Ова тука не е зграда на албанскиот парламент, туку ова е зграда на колера, на криминал и на корупција. Нема Европа со Албанија како Колумбија, ниту Европа со влада која е обединета со криминал, ниту интеграција со корупцијата на највисоко ниво. Мадуро на Балканот не ја отвори вратата на Европа, но ние ќе ја отвориме вратата на правдата и затвор за него и крадците.“ – изјави Љуљзим Баша – лидер на опозицијата во Албанија.

Истовремено, албанскиот премиер, Еди Рама, кој се обрати пред пратениците во Парламентот истакна дека однесувањето на опозицијата е неприфатливо и дека на сила сака да го заземе приматот во законодавниот дом.

„Ние тука ја вршиме нашата работа, Парламентот е место кое го заслуживме, кое ни го донесе мнозинството гласови. Подготвени сме да зборуваме за сè, но не сме подготвени да се коцкаме со нашиот мандат.“ – изјави Еди Рама – премиер на Албанија.

На улиците и денеска можеше да се види црн чад од запалените гуми, на граѓаните не им беше дозволено слободно да се движат по улиците на албанскиот главен град. Околу зградата на Парламентот имаше силно полициско обезбедување, беа распоредени стотици припадници на специјалните сили, а дополнително Парламентот беше опколен и со бодликава жица.

Please follow and like us:

You May Also Like