ЕУ бара темелна истрага за случајот „Рекет“

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан бара целосно расчистување на случајот „Рекет“ и одговорност за сторителите. „Никој не е над законот напиша“ Хан на Твитер.

„Борбата против корупцијата на високо ниво мора да се одвива непречено. Што се однесува до најновите откритија, важно е да се утврди правна одговорност за сите кривични дела, вклучително и оние што произлегуваат од и околу илегалните прислушувања. Никој не е над законот и не може да има неказнивост. Надлежните органи мора да ги испитаат сите кривични дела, без никакво мешање, а сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата“, напиша Хан.

Претседателката на асоцијацијата на жени на Европската народна партија, Дорис Пак порача Европа да реагира за криминалната реалност што се случува во Македонија.

ЕУ и Високата претставничка за надворешна политика и безбедност во заминување, Федерика Могерини се таргет на најновата видео колумна на италијанскиот новинар Ларис Гајсер на интернет изданието на весникот „Ла Верита“. Во неа Гајсер се чуди зошто нема реакција од Могерини и претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер за кои тврди дека силно инсистирале за специјалната обвинителка. Изразувајќи убеденост дека „се уште е возможно да се има вистинска демократија базирана на информирано јавно мислење и контрола на политичарите“ Гајсер прашува „како Могерини може да молчи пред криминалната реалност“.

Се огласи и српскиот претседател Александар Вучиќ. Одговарајќи на новинарско прашање на прес конференција Вучиќ рече „Колку што јас знам од добро информирани италијански извори, ќе има уште изненадувања во тој случај и верувам дека сега Зоран Заев го разбира она што му го кажував за одредени лица“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ предупредува целата постапка околу случајот „Рекет“ да не се ограничи само на двајца обвинити со цел да се заштитат високи функционери. Скандалот ќе се одрази и на евроинтегративните процеси.

СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека одработуваат за тајкуните од режимот и обвинетите криминалци, надевајќи се дека ќе ја поткопаат правната држава, дека нема да станеме членка на ЕУ и нема да се донесе нов закон за ЈО.

Демократскиот Сојуз бара пратениците веднаш да се вратат од одмор, да се одржи вонредна седница, да се расправа за СЈО, да се разреши Катица Јанева и донесат законски решенија со кои обвинителството ќе продолжи со работа.

„Владата мораше да заседава и да побара од МВР, финансиска полиција и УБК во соработка со јавното обвинителство да спроведат темелна истрага. Со одењето на одмор на сите институции кога државата ја тресе „криминално политички земјотрес“ се дава реална можност да се ништат докази, да се влијае на сведоци, парите од уцени да се дислоцираат во странство“, пишува во соопштението Демократскиот сојуз, апелирајќи до Владата дека е крајно необјасниво и неодговорно да повикува на истрага а конкретно да не презема ништо и да дозволи медиумите да ја „водат“ истрагата.

Please follow and like us:

You May Also Like