ЕЛЕМ и МЕПСО – Мека и Медина за роднините на функционерите

ЕЛЕМ и МЕПСО- Мека и Медина за блиските роднини на функционерите од власта. Во Електрани на Македонија, таткото на сопругата на генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски и претседателот на локалниот огранок на владејачката партија во Гостивар, Горан Ангелов се нови колеги на ќерката на собранискиот спикер Талат Џафери, синовите на Мирослав Грчев и пратеничката Мира Стојчевска, сестрата на министерот за култура, Асаф Адеми.

Во втората омилена институција, МЕПСО, вдомени се синот на Владо Бучковски, ќерката на поранешниот прв човек на Гостивар, Невзат Бејта, а од пред некое време и сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши.

Во јавната администрација си се скрасија и братучетка на министерот за земјоделство Љупчо Николовски, мајката на портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов, синот на пратеникот Горан Мисоски, ќерката на пратеничката Емилија Александрова, а и сопругата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ. Дали има непотизам во овие вработувања пак ќе проверува баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери.

-Ќе ја направиме самата анализа, ќе ги видиме постапките, секаде каде што има привилегии, протекции или било какво влијание, секако ќе бараме повлекување на таквите места, изјави Зоран Заев.

Токму вработувања во ЕЛЕМ, во 2012-та година за СДСМ беа причина за поскапата струја која граѓаните ја плаќале.

-Очигледно зголемените трошоци за увоз не биле причина за зголемувњето на цената на струјата. Вработувањето на нови 625 партиски војници ќе значи дополнителен притисок за цената, кој ќе го плаќаат сите граѓани преку ново поскапување кое ќе ни го испорачаат после локалните избори, изјави на 21 октомври 2012-та година.

Непотизмот за кој СДСМ обвинуваше во минатото сега не бил толку голем проблем, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска таа не можела да си ги знае сите свои братучеди.

-Не сакам убавата вест да ја третираме како дел од овие дебати. Јас сум спремна и тие да дискутирам, не за 30 секунди, ќе се согласите. Меѓутоа кога ќе ми најдете држава со два милиони во кои што семејствата на сите некако ќе исчезнат и нема да се дискутира, јас ќе ви кажам браво, изјави Радмила Шекеринска од 6-ти февруари оваа година.

Но, непотизмот не е единствениот проблем кој во моментов е надвиснат над јавната администрација, големиот број предизборни огласи за нови работни места во институциите, фрлаат сомнеж и за можна нивна партизација.

-Десет години, сите членови на СДСМ, секој може да спори колку сака, ама ова го тврдам, ние бевме најдискриминираната категорија на граѓани во државата. За нас беше забрането и во јавен и во приватен сектор било кој со членска книшка на СДСМ да се вработи, изјави пред два дена министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Алфа уште во ноември минатата година ја откри мрежата на партиски вработувања што се правеле на седници на општинските организации на СДСМ, во овој случај онаа во Кисела Вода.

Тогаш успеавме телефонски да добиеме еден од вработените во локалната самоуправа. Во интерес на откривање на вистината се претставивме како луѓе од централата СДСМ. Вработениот потврди каде работи па дури и кажа колку е задоволен од работата.

-Тука сум во комунална инспекција, задоволен сум, само платата не е висока, вели вработен, член на СДСМ, на 28 ноември минатата година.

Огласи за нови вработувања во администрацијата има насекаде, во министерството за информатичко општество, министерството за локална самоуправа, државниот пазарен инспекторат, Комисијата за хартии од вредност, Регулаторната комисија за енергетика, Фондот за иновации и многу други.

Please follow and like us:

You May Also Like