Европа е загрижена поради зиминувањето на Матис, повеќе нема кој да го контролира Трамп

Американскиот министер за одбрана Џим Матис во четвртокот соопшти дека ќе се повлече поради судирот со Трамп околу надворешната политика на американскиот претседател, вклучувајќи ја ненадејната одлука да ја повлече војската од Сирија и плановите за намалување на присуството во Авганистан.

Клучните сојузници на Вапингтон изразија загриженост поради оставката на американскиот министер за одбрана  и политиката на Трамп која доведе до неа. Тие го пофалија Матис како посветен партнер.

Тој во четвртокот соопшти дека ќе се повлече поради несогласувањето со Трамп околу претседателската надворешна политика, вклучувајќи да и ненадејната одлука да ја повлече американската војска од Сриија и плановите за намалување на присуството во Авганистан.

„Секретарот Матис даде клучен придонес на зачувувањето на силата и спремноста на НАТО да се бави со сериозните безбедносни предизвици со кои сме соочени“, кажа портпаролката на НАТО Оана Лунгеску. „Тој ужива голема почит и како војник и како дипломат“.

Матис во Европа го гледаа како цврсто посветен на Алијансата, за разлика од неговиот поранешен шеф. Трамп ги предупреди Европејците дека САД ќе ја намалат поддршката доколку не ги зголемат трошоците за одбрана.

Поранешниот белгиски премиер Гај Верхофштад, лидерот на либералите во Европскиот парламент, кажа дека оставката само ја направила поитна потребата на Европската Унија да работи на закајнувањето на сопствените одбранбени капацитети.

„Матис ги контролираше најлошите инстинкти на Трамп и беше силен поддржувач на НАТО и мултилатерализмот. Неговото заминување е лоша вест и изгледа како да се остварува планот на Владимир Путин“, напиша Верхофштад на Твитер.

Оставката на Матис предизвика загриженост и кај азиско-пацифичките сојузници на Вашингтон, кои на пензионираниот генерал му оддаваат признание за изградбата на довербата и ублажувањето на изолационистичките импулси.

Во тој регион американски сојузници се Јапонија, Јужна Кореја и Австралија и некои од најнемирните светски жаришта, при што високите тензии на Корејскиот Полуостров и кинеската милитаризација во Јужното Кинеско Море предизвикуваат „триење“.

Оставката го изненади и официјален Кабул, каде пензионираниот морнарички генерал беше сметан за гарант на американскиот ангажман. Авганистанските власти се загрижени поради повлекувањето на над 5.000 од 14.000 американски војници во таа земја.

Откако ја добил информацијата од дипломатски извор од белата куќа, францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот му се јавил на Трамп и го предупредил околу одлуката за Сирија, изјави француски дипломатски извор.

„Му кажа: Биди внимателен, мислиме дека е прерано“, изјави изворот.

Германската министерка за одбрана Урсула фон дер Лејен побара објаснување на идната политика.

„Бидејќи САД имаат толку истакната улога и одговорност за архитектурата на глобалната безбедност, важно е сите брзо да добијат објаснување околу идната насока“, кажа таа во соопштение.

Матис објави писмо во кое ги наведе суштинските разлики меѓу него и Трамп и имплицитно го критикуваше американскиот претседател за занемарување на сојузниците во светот.

Матис беше последниот од четиричлената група во Трамповата администрација кој ги балансираше импулсивните тенденции на претседателот, оценува Гардијан.

Советникот за национална безбедност Х.Р. Мекмастер, шефот на персоналот Џон Кели, државниот секретар Рекс Тилерсон и Матис обезбедуваа државата да не тргне по непредвидлив пат ако претседателот нареди, на пример, убиство на сирискиот претседател.

Токму таква наредба била издадена, според книгата „Страв“ на новинарот Боб Вудворд. Меѓутоа, ја игнорирал Матис, поранешниот шеф на Централната команда на САД, познат како „Лудото куче“, поради времето кое го минал како командант на американските маринци за време на инвазијата во Ирак во 2003.

„Никогаш не сум бил толку загрижен за нацијата од доаѓањето во Вашингтон пред повеќе од три децении“, напиша на Твитер конзервативниот аналитичар Бил Кристол.

„Еден поранешен висок функционер на Пентагон неодамна ми кажа дека мирно спие и покрај лудилото на Трамп – сѐ додека Матис е на челото на министерството за одбрана“, објави Скот Стосел, уредникот на Атлантик.

Мекмастер даде оставка во март, една недела откако Трамп го смени Тилерсон, поранешнот директор на Ексон мобил кој наводно американскиот претседател го нарекол „морон“. Кели се повлече поради гласините дека кажал дека Трамп е невозможно да се контролира.

Гардијан додава дека стабилизирачкото влијание на спомнатата четворка можеби е преценет. Ни Мекмастер ни Тилерсон не можеа да го контролираат Трамповото додворување на Северна кореја, фасцинацијата со Русија, нападите врз европските сојузници и опсесивните навреди на сметка на Кина.

Ниеден од нив не го спречи Трамповото повлекување од клучните меѓународни иницијативи како Парискиот договор за климата и нуклеарниот со Иран.

Меѓутоа, аналитичарите ги збуни заминувањето на Матис како последната зрела личност која ја напушти куќата.

„Овој хаос, и на странски и на домашен план, ја доведува Америка во опасност и мора веднаш да прекине“, напиша гувернерот од Охајо Џон Касич непосредно пред оставката на Матис.

Трамповото претседателство влегува од криза во криза откако тој дојде на функција, но четвртокот беше особено хаотичен и ја доведе во искушение решителноста дури и на највисоките републикански поддржувачи во Вашингтон, наведува Ројтерс.

Освен одлуките за Сирија и Авганистан, Трамп ја турна американската влада кон блокада поради финансирањето на ѕидот на границата со Мексико.

Сенаторот Линдзи Греам, близок сојузник на претседателот, во четвртокот го пофали Матис, и го повика Трамп уште ендаш да го разгледа повлекувањето од Сирија и предупреди дека повлекувањето од Авганистан би можело евентуално да доведе до уште еден напад врз Америка сличен на оној од 11 септември 2001.

Лидерот на мнозинството во Сенатот Мич меконел изрази длабока резерва околу оставката на Матис. „Особено ме загрижува тоа што заминува поради острите разлики со претседателот околу клучните аспекти на американското глобално лидерство“, кажа тој.

Ројтерс истакнува дека ова личи на првите месеци на Трамп во Белата куќа, кога го смени првиот советник за национална безбедност Мајкл Флин, по само неколку дена на функцијата, му даде отказ на тогашниот директор на ФБИ Џејмс Коми и ја воведе забраната за патување против земјите со мнозинско муслиманско население, која тогаш ја блокираа судовите.

Трамп веќе е соочен со тешка 2019, во која најверојатно ќе доминира страгата на специјалниот обвинител за Русија и истрагата на Конгресот за неговиот бизнис, семејството и некои членови од кабинетот.

Демократите во јануари ќе ја преземат контролата врз Претставничкиот дом на Конгресот и планираат да ги искористат овластувањата за длабоко да навлезат во минатото на Трамп и неговата администрација.

Please follow and like us:

You May Also Like