Државното обвинителство утре ќе одлучува што со предметите на СЈО што ги оспори Врховен

Дали ќе бараат автентично толкување од Собранието за законот за СЈО – државниот обвинител Љубомир Јовески го свикал за утре стручниот колегиум на обвинителството. Во проширен состав обвинителите подготвуваат одговори на барањата на Кривичниот суд поврзани со мислењето на Врховниот суд, кое ги оспори истрагите на СЈО. Основниот суд нема законска можност, не може да бара автентично толкување, па побара тоа да го направи обивнителството.

Воедно, тема на Стручниот колегиум ќе биде натамошното постапување по предмети поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, велат од ЈОРМ.

Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски пак смета дека нема потреба од автентично толкување бидејќи законот бил јасен и на СЈО му истекол рокот. Ги отфрла критиките на повеќемина професори, судии, обвинители и адвкати дека се меша во работата на Собранието. Вели целта на ваквото правно мислење била да се спречат несогледливи штетни последици ако СЈО продолжи да води предмети надвор од рокот. Ако стасаат пред врховен ваквите предмети ќе ги укинат, потврди Вангеловски.

Вангеловски смета дека постапките на СЈО можат да ги продолжат обвинители од редовните обвинителства. Сепак најави дека планира да ја продолжи општата седница за бомбите што ја отвори уште пред две години, но тогаш врховните судии не донесоа мислење. Не сакаше да коментира дали ако изгласаат дека бомбите не се докази, ќе значи крај и на активните обивненија на СЈО.

Дали Кривичен ќе го почитува мислењето на Врховен ќе се знае наскоро, откако ќе одлучат по барањата на одбраната за укинување на куќните притвори во „Империја“ и мерки на претпазливост во предметот „Поштенска банка“ кои беа иницирани по мислењето на врховен, дека сјо не е овластен тужител. Попладнево апелација одлучува и за куќниот притвор на бизнисменот Орце Камчев, но како дел од редовната жалба на притворот.

You May Also Like