Драма на Ургентниот центар во Скопје – роднини на починато лице физички нападнале медицинска сестра

Со клоци и закани утринава на КАРИЛ била нападната медицинска сестра од роднини на пациент кој починал на интензивна нега. Првата смена на вработените од овој оддел почнала тензично и со викање, по драмата што се случувала во ходникот каде нивна колешка барала помош.

– Овде, пред влезот на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување била нападната медицинската сестра кој добила удари по телото и вербални закани по живот.

Медицинската сестра не се здобила со тешки телесни повреди, но ќе оди на боледување и на психијатриска проценка по траумата што ја преживеала денеска.

-Многу е вознемирена како и целиот персонал. Денес се работи во тешки услови, а во суштина многу често се случуваат вакви работи. На Ургентен и на КАРИЛ сме на удар на роднините на пациентите. Сите пациенти кои доаѓаат кај нас се најтешко болни, но никој не може добро да работи кога има ваков мобинг, ниту пак закани по живот и семејство, изјави Маја Мојсова, раководител на КАРИЛ.

За да прекине насилството врз здравствените работници, министерот за здравство најави дека ќе побара полицајци да ги обезбедуваат КАРИЛ и Ургентен.

-Со министерот за внатрешни работи имав телефонски разговор и во текот на денот или утре ќе ги разгледаме сите алтернативи кои ни се на располагање за да ја зголемиме безбедноста тука во кампусот и на критичните места на клиниките, пред се мислам на Ургентниот центар и таму каде во текот на ноќните часови има најголема фрекфенција на пациенти, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

По разговорот со Филипче, министерот за внатрешни работи ќе каже дали и колку униформирани лица ќе има на скопските клиники.

-Ќе разговарам со Филипче и ќе видиме, доколку тоа не можат да го решат агенциите за обезбедување, тогаш ќе им излеземе во пресрет во насока на безбедноста на овие установи, изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.

Од Министерството за внатрешни раобти знаат кој ја нападнал медицинската сестра и велат дека работат на расчистување на случајот. Инаку лани пред клинички беше нападнат со нож лекар од Токсикологија, а пред  3 години лекарската фела се крена на нозе откако блиски на починат пациент пукаа во хирург од абдоменална.

You May Also Like