Донатори за кампањата на претседателските кандидати

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не донирал ниту денар за кампањата на Гордана Сиљановска. Но, затоа неговиот заменик во партијата Александар Николовски уплатил 3.000 евра. Ова е највисоката сума која ја донирале уште четворица граѓани.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски донирал 1.500 евра, а Антонио Милошоски 2.500 евра. Меѓу донаторите е и пратеникот Драган Данев кој уплатил 20.000 денари. Неговата сопартијка Невенка Стаменковска уплатила 10.000 денари повеќе. Пратеничката Ане Лашкоска уплатила 50.000 денари. На списокот на донатори кај Гордана Силјановска се јавуваат 250 граѓани.

За разлика од овој долг список, кандидатурата на Пендаровски финансиски ја поддржал само еден човек, извесен Павле Дукадиновски кој има донирано 3.000 евра, останатите десет лица во Извештајот објавен на сајтот на ДИК, се донатори на услуги, како на пример превоз. Има и 162.000 евра од партиската членарина на СДСМ за оваа и за минатата година.

Стево Пендаровски потрошил трипати повеќе пари од неговата противкандидатка Гордана Сиљановска за десет дена претседателска кампања. Според извештаите објавени на сајтот на ДИК, кандидатот на власта Пендаровски прикажа 484.000 евра расходи, а Сиљановска 163.000 евра. Неспоредливо со овие двајца кандидати, третиот Блерим Река прикажал расходи од 25.000 евра.

Најголем дел од парите кај Сиљановска биле потрошени за превоз – 1.500.000 денари, но и за реклами. Пендаровски планира да потроши околу 342.000 евра за платено политичко рекламирање.

Третиот кандидат Блерим Река сите пари ги добил како донации од двете партии кои му даваат поддршка, 18.000 евра од БЕСА и Алијансата за Албанците. За реклами потрошил околу 23.000 евра.

За првпат од овие избори, медиумската кампања ќе биде исплатена од државната каса.

Please follow and like us:

You May Also Like