Детска кардиохирургија се сели во „Жан Митрев“

Тешко болните бебиња со срцеви проблеми ќе се оперираат на приватна клиника, одлучи државата. Операциите ќе се прават во клиниката на кардиохирургот Жан Митрев. Договорот паднал на состанок, но изостана свечено официјализирање на соработката. Во Владата не беше присутен ниту кардиохирургот Митрев. Ќе оперира докторот Владимир Чадиковски заедно со својот тим кој се сели од државната Клиника.

Ваквите кардиоваскуларни интервенции досега се правеа на Детска хирургија. Годишно околу 20 деца со срцеви проблеми се праќаат во странство на операција. Една таква комплексна интервенција чини и до 20 илјади евра. Трошоците за операциите во приватната клиника ќе останат на товар на државата. Сумата од милион евра годишно ја одвојува Фондот.

Децата чие лекување веќе започнало во странство, мора да продолжи таму со лекарите кои ја знаат историјата на болеста и третманот, се оправда доктор Чадиковски. Тој не ја исклучи можноста да побараат помош и од странски лекари, ако им е потребна.

Јавно-приватното партнерство на државата со клиниката Жан Митрев наиде на осуда од опозицијата. Од ВМРО-ДПМНЕ остро го обвинија министерот Филипче дека целта на овој договор со приватното здравство е да профитираат поединци.

Здравствениот систем од ден во ден се повеќе се распаѓа. Филипче одлучи да ги префрла Детската кардиохирургија во приватна клиника и трансплантацијата на органи во приватни болници како да се од татко му. Наместо да инвестира во јавното здравство за да ги задржат лекарите во Македонија, министерот решава да полни џебови на одредени поединци, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според министерот за здравство Филипче, условите во приватната болница се според сите стандарди и кадарот на највисоко ниво. Тој смета дека ваквиот модел на детска кардиохирургија ќе биде за пример и на останатите земји од регионот, но и од Европа.

Наспроти тоа, во Словенија е укинат моделот на детска кардиохирургија.

You May Also Like