Десет години експратеничката Мазнева бара правда за сомнителната смрт на својот сопруг

На 26 јули, со пост на Фејсбук, поранешната пратеничка Косана Мазнева потсети на својата дестгодишна битка за правда, со цел да докаже дека прераната смрт на нејзиниот сопруг Благојче Мазнев е лекарска грешка.

Трагичниот настан се случил на 26 јули во Градската болница „Наум Охридски“ во Скопје, каде што Мазнев (38 години) бил донесен на операција од камче во бубрег. Оператор бил д-р Слободан Ристовски, уролог, а директор на болницата д-р Виктор Камиловски.

Јорданка Ивановска Јоци, која ги повика истражувачките новинари пак да се истражи овој случај, пишува:

„И по 10 години од смртта на прерано починатиот Благојче Мазнев (38), кој во Градска болница беше опериран од камче во бубрег, а потоа доби инфекција и почина, македонските судови не признаваат дека во прашање беше лекарска грешка, неодговорност, незнаење.

Судовите велат не се виновни лекарите, системот, државата. Никој за ништо не одговара, се копаат нови и нови гробови, а земјата ги покрива лекарските грешки.

Судот, цела деценија, не го признава извештајот од Судска медицина, каде јасно е посочено дека починатиот е опериран на 10 јуни, по што постоперативно добива крварење, кое не е запрено.

Во периодот од 12 до 18 јуни 2009 година, се вели во истиот извештај, тој не ја добива потребната грижа и лекарства во Градска болница, по што здравствената состојба му се комплицира, животот му е загрозен, итно е префрлен на КАРИЛ, каде потоа умира на 26 јули.

Семејството ги тужи институциите.

Што прави судот за овие 10 години? Не носи пресуда во корист на починатиот, врз база на извештајот од Судска медицина, напротив нарачува ново супервештачење.

Зошто?

Медицински факултет, за таа цел, формира Одбор од неколку професори. И тој одбор, шокантно, е составен од професори од КАРИЛ, кои директно учествувале во лечењето на Мазнев, што е класичен конфликт на интерес.

Тие носат заклучок дека ниеден лекар, ни во Градска, ни на КАРИЛ, не направиле ниедна грешка во лекувањето. Оние кои го лечеле, и нивните колеги, се пофалиле дека сториле сė.

Веднаш по неочекуваната, ненадејна и бизарна смрт на Мазнев, сопруг на експратеничката Косана Мазнева, медиумите бруеја. Се бараше одговорност на сите страни, Министерство за здравство дури и формираше комисија да го истражи случајот.  Ништо. По некое време сė се заташка.

Своевремено, неделникот ,,Фокус”, излезе и со тврдење дека Мазнев можеби и ќе преживеел доколку го добил навреме потребниот антибиотик ,,Тиенам”, од кој само една доза чинела 50 евра. Но, тоа не било сторено, во Градска го лечеле без да утврдат кој антибиотик делува на патогените.

Судот, докторите Ристовски, Камиловски, сегашниот министер за здравство Филипче, кој не мрдна со мал прст да помогне да се дојде до правда, веројатно сметале дека 10 години се доволен период сево ова да се заборави.  Не сметале дека еден ден смртта на Мазнев пак ќе ја види светлината во јавност и ќе мора да дадат одговори – кој, зошто, како?“

„Дојде тој ден“, напиша Јоци и ги повика сите истражувачки новинари и медиуми да ја тргнат прашината од овој случај и да го отворат повторно.

„Јас веќе го отворам“, напиша таа и најави продолжение на сторијата.

Please follow and like us:

You May Also Like