ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Граѓаните се задолжуваат за купување на станови, но се воздржуваат за автомобили

И во услови на пандемија граѓаните не се откажаа од потрошувачките и од станбените кредити, покажуваат најновите статистички податоци на Народната банка. Но, ова не важи и за автомобилските кредити, кои според истите податоци и во текот на јуни продолжија да стагнираат.

„Во јуни, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа раст од 1,1 отсто и 1,4 отсто, на месечно ниво, и 10,0 и 13,8 проценти, на годишно ниво, соодветно“, се вели во извештајот на НБ.

Во истиот период меѓутоа, автомобилските кредити и натаму бележат месечен и годишен пад од 1,3 и 8,6 отсто, соодветно.

Според податоците на Народната банка, во јуни вредноста на автомобилските кредити изнесувала 292 милиони денари (околу 4,7 милиони евра), што е помалку за околу 4 милиони денари во однос на претходниот месец. Трендот на намалување на автомобилските кредити е речиси во текот на целата година, поточно од февруари кога за оваа намена биле одобрени 320 милиони денари кредити.

Кај потрошувачките и кај станбените кредити, меѓутоа, трендот е нагорен. Така, во јануари биле исплатени 82.324.000.000 денари потрошуваачки кредити и одобрени 46.477.000.000 денари станбени кредити. Во јуни, како износ беа исплатени 94.982.000.000 денари потрошувачки кредити и 54.392.000.000 денари станбени кредити.

Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки на месечно ниво се зголемени за 0,2 отсто и 1,3 отсто, соодветно, додека на годишна основа остварија пад од 4,2 и 9,4 отсто, соодветно. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, бележат месечен и годишен пад од 0,2 и 6,4 проценти, соодветно.

Инаку, како што наведува Народната банка, вкупните депозити продолжија да растат на месечна основа, што се должи на растот на депозитите на двата сектори, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор. Годишната стапка на раст изнесува 8,4 отсто, при поголем раст на депозитите на домаќинствата.

Вкупните кредити продолжија да растат на месечна основа, со нешто поизразено учество на корпоративниот сектор. Годишниот раст на вкупните кредити изнесува 6,6 отсто и се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.

„Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со регулаторните промени според одлуката на Народната банка, кај вкупните кредити е забележан раст од 7,9 отсто, на годишно ниво“, посочуваат од централната банка.

На годишна основа, депозитите на корпоративниот сектор и на секторот „домаќинства“ се зголемени за 11,2 и 8,7 отсто, соодветно.

Кај кредитите, пак, на годишна основа, кредитирањето на корпоративниот сектор бележи раст од 4,6 отсто, додека вкупните кредити на домаќинствата забележаа годишен раст од 8,8 отсто.

Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со регулаторните промени според одлуката на Народната банка, на годишно ниво, кај кредитите на корпоративниот сектор е забележан раст од 6,4 отсто, а кај кредитите на секторот „население“ од 9,6 отсто, се вели во најновите статистички податоци на Народната банка.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.