Ги сакаат европските пари, ама процедурите им биле тешки

Кај македонските компании за седум години завршиле само 7 милиони евра од расположливите 80 милијарди евра кои Европската Унија ги одобри за проектот „Хоризонт 2020“. За инструментот за мали и средни претпријатија од оваа програма аплицирале неколку компании, но сѐ уште ниту една не успеала да добие пари. Компаниите се правдаат дека процедурите за аплицирање за парите се сложени, а документацијата огромна, иако и другите во Европа кои конкурирале за парите биле изложени на истата процедура. Бараат државата да им помогне преку формирање на гарантен фонд.

Јадранка Аризанковска од Стопанската комора вели дека искористеноста на парите од фондовите е околу 20 отсто. И реализацијата на ИПАРД е малку подобра, но не е на посакуваното ниво. Од 2007 до 2014 година била 17 отсто за ИПАРД 1, а за ИПАРД 2, од 2014 до 2020 досега е 22 процента.

– Процедурите се сложени, а периодот на одобрување е долг. Компаниите сѐ уште немаат капацитет. Но и покрај тоа неопходно е компаниите да се охрабрат и да влезат во процес на аплицирање, пред сѐ, затоа што тоа значи нивна подготовка за искористување на многу поголеми фондови кои ќе бидат достапни со отпочнување на самите преговори, но и по влезот во Европската унија кога на располагање ќе ги имаме кохезионите и структурните фондови – рече Јадранка Аризанковска од Стопанската комора.

Од оваа програма за периодот 2018-2020 на располагање се 30 милијарди евра. Веќе од 2021 година програмата „Хоризонт 2020“ прераснува во „Хоризонт Европа“ кој ќе тежи 100 милијарди евра.

– Програмата поддржува финансирање на проекти за истражување и иновации, мобилност на истражувачи во рамки на компаниите и универзитетите, зајакнување на меѓународните мрежи и размена на добри практики и искуства, стекнување на нови знаења и експертиза, како и зајакнување на соработката помеѓу академските институции и индустријата, во насока на постигнување конкретни резултати, а тоа се воведување на одредени иновативни решенија во самите компании – појасни Аризанковска.

Новина во оваа програма, вели таа, е огромната финансиска поддршка за компаниите пред сѐ, во интензивирање на соработката со универзитетите и истражувачките центри во насока на конкретна примена на самите иновации и иновативни решенија во компаниите.

– Ова значи дека секое истражување мора да има конкретна примена во индустријата во насока на создавање иновативни производи и решенија кои ќе значат и јакнење на европската економија во целина – вели Аризанковска.

Од Стопанската комора предлагаат државата да помогне во градењето на капацитетот на компаниите преку создавање гарантен фонд кој ќе ги помогне компаниите при аплицирањето.

– Досегашната практика на одобрување на парите била кофинасирање со 50 до 70 отсто на одобрен проект на приватниот сектор и до 100 отсто кај институциите.
Практика е да се финансираат проектите кои имаат иновативна идеја и на тоа треба да работат компаниите – вели Аризанковска.

Република Северна Македонија во континуитет има пристап до одредени европски фондови. Од 2007 година на располагање се претпристапните фондови кои имаа за цел да ја подготват државата, институциите, но и граѓанското општество за достигнување на нивото на развој приближно еднакво со земјите-членки на Европската Унија.

You May Also Like