Генерал Понош: Вучиќ стои зад извозот на српско оружје во Јемен

Поранешниот началник на Генералштабот на српската војска и потпретседател на Народната партија, Здравко Понош, денеска обвини дека, како што рече, зад извозот на оружје од Србија за Јемен стои претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а не само Бранко Стефановиќ, татко на министерот за внатрешни работи, Небојша Стефановиќ, пренесе МИА.

„Јемен е држава под ембарго за увоз на оружје и не треба да се прави она што го прави српската власт, без оглед на тоа што мислат дека го прават за доброто на своите односи со претставник на некоја голема сила“, вели Понош во писмена изјава.

Тој додава дека порталот „Arms watch“ аргументирано тврди како српското оружје пристигнало во исламистичките групи во Јемен, каде што во тек е најголемото страдање на цивили на планетата.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, по оваа изјава на Понош и по вчерашната објава на меѓународниот портал „Arms watch“, со демант реагирало српското Министерството за трговија.

„Во врска со информациите за наводниот извоз на оружје произведено во Србија во Јемен, Министерството за трговија соопштува дека ниедна дозвола за извоз на оружје, воена опрема, како ни опрема за двојна употреба не е издадена за Јемен, ниту пак за извоз во која било друга земја кој е под санкција на меѓународната заедница“, се наведува во соопштението.

Меѓународниот портал „Arms watch“ вчера објави дека нивниот сајт се нашол под хакерски напад од Србија, ден откако е објавен третиот дел од приказната за наводниот извоз на оружје од Србија во Јемен, за кој, наводно, „посредувале членови на семејства на некои високи владини службеници.“ Според порталот, „околу 517.000 гранати биле извезени од Србија од приватната компанија ГИМ, претставена од Бранко Стефановиќ, татко на српскиот министер на полицијата, Небојша Стефановиќ“, пренесе МИА.

Бугарската новинарка и основач на „Arms Watch“, Диљана Гајтанџиева, тврди дека имала пристап до е-пошта, меморандуми, договори, фотографии, пасоши копии и броеви за следење на гранати направени во Србија, кои се прикажани во пропагандните видеа на ИД.

Please follow and like us:

You May Also Like