ВО СОБРАНИЕТО УТВРДЕН И НАЦРТ-АМАНДМАНОТ СО КОЈ СЕ ГАРАНТИРА НЕПРОМЕНЛИВОСТ НА ГРАНИЦИТЕ

Собранието со 64 гласови „за“, 14 „против“ и 2 „воздржани“ го утврди текстот на нацрт-амандманот (35) за промена на Уставот предвиден со Договорот од Преспа за решавање на спорот за името со Грција.

Со нацрт-амандманот (35) се предвидува Републиката да го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во денешните дискусии побараа Владата да се заложи за реципроцитет, односно и Грција да направи промена на Уставот.

Тие потенцираа дека Македонија нема територијални претензии спрема ниту една држава, и затоа е непотребно тоа да се потенцира да се става дополнително во Уставот.

„Министерот за надворешни работи Никола Димитров си најде попаметна работа и не дојде во Собранието. Му здосади да нè слуша, изгледа си најде некое тендерче“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери го опомена Илиоски, но тој му одговори дека има право како пратеник да си го каже својот став.

„Амандманот за кој денес расправаме нема суштествено значење по усвојување на нацрт-амандманот со кој се промени уставното име“, рече Илиоски.

На говорот на Илиоски реплицираше заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски рече дека министерот Димитров е во Брисел и затоа не присуствува на расправата и говорот на Илиоски го смета за непристоен.

Пратениците продолжија со претресот по последниот нацрт-амандман (36).

Со него се предвидува Републиката го штити, гарантира и негува историското и културното наследство на македонскиот народ.

Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.

Републиката се грижи за припадниците на македонскиот народ кои живеат во странство.

Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Со овој амандман се заменува членот 49 од Уставот на Република Македонија.

 

You May Also Like