Во македонската метропола автобус се чека и до 80 минути

Во македонската метропола граѓаните кои го користат јавниот градски превоз може да чекаат автобус и до 80 минути. Според постојниот возен ред, актуелен од 1 јануари 2017 година, најчестите автобуси се на седум минути, а автобус може да чекате и до 80 минути. Граѓаните реагираат дека треба да има почесто автобуси бидејќи, кога е шпицот, тие се преполни и нема место за да влезат во автобусот.

Скопје со над 800 илјади жители се опслужува со 316 автобуси

Скопје, според статистички податоци, има 811 илјади жители, на што треба да се додадат и студентите и лицата кои работат во Скопје, имајќи предвид дека Скопје е образовен и индустриски центар.

Оваа бројка во македонската метропола Јавното сообраќајно претпријатие ја опслужува со 316 автобуси на 100 линии, од кои на 75 линии сообраќаат возила на ЈСП Скопје, а на 25 приватни превозници, а некои кобинирано со возила на ЈСП Скопје.

Од ЈСП Скопје, во согласност со условите со кои располагаат, сметаат дека генерално се задоволени потребите на граѓаните кои користат јавен превоз. Наспроти нив, граѓаните забележуваат дека треба автобусите да бидат почести, бидејќи има многу турканици и на одредени стојалишта нема место да се влезе во автобусот. Посебен проблем, според нив, се деновите во кои пензионерите имаат бесплатен превоз.

Како алтернатива за автобусот скопјани користат автомобили и такси

-Јас го користам автобусот број 41 секојдневно. Иако, според распоредот, тој во шпицот, кога луѓето одат на работа и на училиште и кога се враќаат, е на седум-осум минути, сепак во одредени денови не може да се влезе во автобусот и е полн, вели жител од Кисела Вода.

-Најголем проблем, според корисниците на јавниот градски превоз, е кога некој автобус ќе се исклучи дали е расипан или од друга причина. Тогаш, велат граѓаните, од ЈСП не пуштаат замена, па така се случува, на пример, на релација каде што автобусот е на 40 минути да го чекате наредниот автобус дури по 80 минути.

– Незамисливо е во една метропола да се чека автобус толку многу, вели жителка на Скопје. Поради ваквата состојба, од анкетираните граѓани, се одлучуваат да не го користат јавниот градски превоз, а другата алтернатива е да се возат со автомобил или да користат такси.

– Доколку се движам со автобус, иако сум само на неколку километри од центарот на градот, нема да можам да ги завршам сите секојдневни обврски. Прво затоа што не можам да се потпрам дека автобусот сигурно ќе дојде и дали навреме ќе стасам, а второ е што од моето место на живеење нема директна конекција за сите делови од градот, наведува жителка од Лисиче и додава дека затоа мора да се движи со автомобил.

Промена на возниот ред може да направи урбана заедница, работна организација, општина…

За да се направи промена на ваквата слика и пред сè на возниот ред, неопходно е официјално барање или петиција од урбана заедница, работна организација, општина и слично испратена до Секторот за сообраќај при Град Скопје.

Повремено добиваме барања за нови линии, за продолжување на одредени или за промена на возниот ред, кои се разгледуваат од страна на соодветната служба, поточно се препраќаат до Секторот за сообраќај при Град Скопје, кој е директно одговорен во случајов.

Посочениот сектор, во соработка со ЈСП Скопје, прави темелни анализи од неколку аспекти (фактичка состојба на терен, број на потенцијални патници по утврдена методологија, расположливост на возниот парк во определен момент, економска исплатливост на линијата…), врз основа на кои се одлучува за исходот на барањето, велат за МИА од ЈСП Скопје.

Оттаму оценуваат дека е апсурдно, на пример, возниот ред на одредени приградски линии да е ист преку целата година, а на пример, за време на летниот распуст автобусот да вози само за тројца патници. Истото, потенцираат, важи и за најфреквентните линии што се редуцирани за време на годишните одмори.

Појаснуваат дека нема логика двокатен автобус да сообраќа надвор од урбана средина, а имало такви барања, пред сè, заради несоодветната инфраструктура.

ЈСП ќе го подобрува возниот парк со нови автобуси, постапката е во тек

Од ЈСП Скопје очекуваат квалитетот на јавниот превоз во голема мера да се подобри со набавката на новите еколошки автобуси, за што постапката е во тек.

-Идната година Скопје ќе добие 30 до 40 нови еколошки автобуси на еколошко гориво и ќе ги заменат старите дотраени дизел возила на ЈСП без клима и дополнителна опрема. Истото, ќе се финансира со задолжување кон меѓународна кредитна институција во износ од 10 милиони евра, со каматна стапка од 1 отсто, три години грејс период и седум години отплата, без вклучен грејс период, информираат од Град Скопје.

Во моментов од вкупниот број автобуси на ЈСП, 16 се панорамски (отворени) двокатни автобуси, од кои само два се во функција. Останатите воопшто не се во возна состојба.

-Сегашното раководство на ЈСП Скопје, посочените возила ги затекна генерално расклопени. Се ваделе мотори, менувачи, прозорци, ветробрански стакла, делови од командната табла, кочници, па дури и електрика и столчиња, за да се оспособат дел од затворените двокатни автобуси, наведуваат од ЈСП Скопје и додаваат дека дел од возниот парк се и 200 двокатни затворени автобуси, од кои 20 отсто постојано се расипуваат.

За состојбата со 80-те украински нископодни автобуси, производство на ЛАЗ, од кои три возила воопшто не се во употреба, а од преостанатите 77 автобуси, 30 отсто често се расипуваат.

Дел од возниот парк се и 20 автобуси од постарата генерација.

Најавен и проектот за трамвај во Скопје

За подобрување на јавниот превоз во Скопје од идната година почнува реализација на проектот за трамвајски превоз. Првата линија е планирана од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.

-Градот Скопје инвестира големо време и енергија во промоција на транспортен систем кој е модерен и еколошки, преку користење на јавниот превоз, како и комбинирани форми на превоз без автомобили. Во таа насока, во транспортниот систем на ЈСП изминатиов период беа вклучени неколку еколошки автобуси на гас (кој не го загадуваат воздухот), како и првпат на линијата број 15 сообраќаше електричен автобус.  Како мерки од областа на сообраќајот може да се наведат и воведувањето на бесплатен превоз за сите средношколци во јавниот градски превоз, како и воведувањето на бесплатни автобуски линии до Водно со цел растеретување на сообраќајниот метеж на планината, како и воведувањето на бесплатниот автобуски превоз во деновите на висока загаденост. Градот Скопје работи и на промоцијата на електричните возила, преку поставување на нови полначи за електрични возила на повеќе локации во Скопје кои се бесплатни за користење за корисниците на ваков вид на возила, велат за МИА од Град Скопје.



Истакнуваат дека во наредниов период како приоритет ќе се работи на набавката на нови автобуси и на изградбата на трамвајската линија во Скопје. – Изградбата на трамвајот како капитален проект чија реализација ќе биде со поддршка од Владата на Р.Македонија  ќе го унапреди јавниот превоз и ќе го намали загадувањето од издувните гасови. Подготвена е целосна сообраќајна студија со техничко решение за изградба на првата фаза од трасата за трамвај на релација Ново Лисиче – Ѓорче Петров.  Реализацијата би започнала веќе следната година, а проектот вреден помеѓу 130 и 150 милиони евра ќе го унапреди јавниот превоз во главниот град и ќе влијае на намалување на аерозагадувањето, појаснуваат од Градот Скопје.

You May Also Like