Во Истанбул отворен најголемиот аеродром во Европа

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера го отвори новиот меѓународен аеродром во Истанбул, најголем во Европа. Авионот во кој се наоѓаше турскиот лидер слета на пистата, означувајќи го отворањето на објектот. Истанбулскиот аеродром, кој е три пати поголем од оној во Франкфурт, годишно ќе опслужува околу 90 милиони патници, а преку 4 фази на проширување, оваа бројка до 2028 година ќе изнесува околу 200 милиони патници годишно.

Според локалните медиуми, трошоците за изградба на овој гигантски објект, кој предизвика протести кај локалното население и екологистите, изнесуваат околу 12 милијарди долари.

На отворањето на најголемиот аеродром во светот, аеродромот во Истанбул, меѓу гостите поканети лично од претседателот Ердоган беа и Ѓорге и Маја Иванови. Македонскиот претседател се најде во првите редови и учествуваше на фото сесијата со турскиот претседател и неговите гости.

Меѓу почесните гости се најде и српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој имаше издвоена средба и разговор со Ердоган.

Турскиот претседател рече дека неговата земја ќе биде центарот на светот и дека аеродромот не се отвора само заради Турција , туку и заради потребите на сите патници во светот, бидејќи Истанбул има клучна улога со својата геостратешка положба и како дестинација и како фактор на мирот.

 

You May Also Like