Вонреден самит на ЕУ за одложување на Брегзитот

Европските лидери на вонреден самит во Брисел денеска ќе одлучуваат дали Обединетото Кралство повторно треба да добие ново одложување на Брегзитот.

Британската премиерка Тереза Меј ќе побара одложување на датата на која нејзината држава треба да ја напушти ЕУ, но не подоцна од 30-ти Јуни.

Меј попладнево ќе замине за Брисел, по седницата пратенички прашања во долниот дом на Британскиот парламент и редовната конфронтација со лидерот на опозицијата, Џереми Корбин.

Обединетото кралство во моментов треба да ја напушти ЕУ во Петок, 12 –ти Април, а доколку Меј не добие одложување на рокот, тоа ќе биде Брегзит без договор.

Г-ѓа Меј е во навистина незавидна ситуација. Таа не сака долго одложување, се уште сака договорот за Брегзит да биде усвоен и да ја напуштиме ЕУ во Мај. Проблемот кој таа го има е дека многу луѓе во нејзината партија велат: “ќе го отфрлам долгото одложување, Премиерката треба да си замине ако добиеме долго одложување”, без при тоа да сугерираат некоја практична алтернатива. Значи има многу луѓе кои играат игри зад нејзиниот грб, позираат, покрај другото затоа што сакаат да ја заменат како Премиер и сето тоа ја отежнува нејзината позиција, вели Ананд Менон, аналитичар и Директор на иницијативата “Европа која се менува”.

Пред да биде одобрено барањето на Меј, секоја земја членка на ЕУ треба да се согласи со одложувањето на Брегзитот. Сепак, очекувањата се дека ЕУ ќе понуди подолго одложување, откако Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, апелираше до останатите 27 лидери да поддржат флексибилна екстензија од една година, но со предуслови, вклучувајќи го и инсистирањето дека не може повторно да се отворат преговорите за договорот за Брегзит.

Туск смета дека подолгото одложување ќе ја елиминира потребата од вонредни самити во иднината, како и одложувањето на Брегзитот во последен момент.

Ангела Меркел, денеска од Бундестагот го поддржа предлогот на Туск, порачувајќи дека Брегзит без договор, не е во интерес на германската република.

Можно е да има подолго одложување од тоа што ќе го побара Британскиот премиер, но нашата одлука ќе биде така формулирана што откако Британија ќе го усвои договорот за Брегзит, тие ќе може многу бргу да ја напуштат Унијата. Ние сме подготвени за такво сценарио и се согласуваме со транзициски период од две години и затоа нашата влада е се уште заинтересирана за уредно повлекување од членството во Европската Унија, рече Меркел.

Претставниците на ЕУ подготвија и предлог документ кој лидерите треба да го разгледаат на самитот, но крајната дата за одложувањето на Брегзитот не е прецизирана. Тоа е јасна индикација дека се уште не постои единство меѓу Европските лидери за најдобриот начин на кој ЕУ треба да реагира.

Please follow and like us:

You May Also Like