ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Возовите и автобусите речиси празни, трошоците на фирмите исти

Состојбата со коронавирусот и мерките за превенција со апели да се ограничи патувањето  се одрази на  бројот на патници  со Железницата,  каде бројот на превезени патници во просек е намален од 1 750 на 480,  а во меѓуопштинскиот превоз линиите се двојно намалени или укинати, а во малкуте автобуси што сообраќаат се возат  по двајва тројца патници. 

Железницата, согласно со препораките од синоќешната седница на Владата за спречување на ширењето на коронавирусот, привремено ја укинува мерката за бесплатен воз, што ја користеа пензионерите и студентите. ЖРСМ Транспорт веднаш на седница на УО ќе донесе одлука со која ќе се стави во мирување мерката и таа ќе стапи во сила задутре на полноќ. Во меѓувреме се врши редовна дезинфекција на возните средства, се дистрибуираат средства за лична хигиена и заштитни маски за вработените на благајните и возовите, изјави за МИА Орхан Муртезани, генерален директор на ЖРСМ Транспорт. 

Според Муртезани, во март 2019 година просечниот дневен број на патници превезени со воз изнесувал 1 750, а сега 480 патници.

Муртезани вели дека е рано да се сублимира влијанието на состојбата во товарниот превоз,  но во та насока посочува пример  за намалени композии за превоз од фирмите.

– Само за пример, еден од најголемите корисници на превоз, фирмата Пеарл СА од Република Грција, која врши превоз од пристаништето Пиреа, кон земјите  на Балканот и кон земји членки на Европската Унија (во најголем дел увоз од Н.Р. Кина), во изминатата година во просек превезуваше по три  комплетни композиции (возови) во текот на еден ден, додека сега таа бројка е намалена во просек на речиси една композиција (воз) во тек на еден ден, вели Муртезани.

ЖРСМ Транспорт,  како што вели, максимално со своите капацитети е на располагање на стопанството во државава, што значи дека целокупната стока која се увезува или извезува со услуга од  оваа компанија навремено се извршува. – Дали кај компаниите од стопанството во Р.С.Македонија, поради новонастаната состојба, се намалени количините и во кој обем, немаме точни сознанија, но од увидот „на терен“ видлив е намален обем на увоз и/или извоз на стоки, наведува Муртезани.

Од Асоцијацијата Исток, каде членуваат автобуските превозници, велат дека пандемијата зададе тежок удар во превозот на патници од економски аспект и бараат поддршка од Владата. Приходите на превозниците во однос на претходниот период се намалени за 95 проценти, миграцијата на населението е намалена , додека трошоците за надоместоци за вработените остануваат исти.

-Компаниите – фирми за превоз на патници се сектор којшто во моментов е најзасегнат од ситуацијата на светско ниво. Со оглед на тоа дека немобилноста на граѓаните предизвикува ненадоместливи загуби во овој сектор, сметаме дека ќе биде погубно за компаниите за превоз на патници доколку Владата на РСМ на било каков начин во најкраток можен рок директно не ги надомести трошоците на превозниците коишто настанаа и секојдневно растат поради корона вирусот. Во моментов најголема загуба секојдневно претрпуваат превозниците коишто вршат меѓуопштински линиски превоз на патници. Ликвидноста на овие компании е доведена во прашање од причини што патувањата на граѓаните се ограничени, трошоците за гориво како основни секојдневни трошоци се фиксни, трошокот за надомест за вработените – возачите и администрацијата во компаниите исто така е фиксен , а приходот од бројот на патници неможе да се спореди со трошокот којшто на дневно ниво е погубен за компаниите, изјави за МИА Горан Трпковски, претседател на Асоцијацијата Исток.

Трпковски како пример за намалената миграција, а показател за загубите поради фиксен трошок за надомест кон вработените го наведува привремениот прекин на меѓуопштинските линии кои сообраќаат во Источна Македонија. Авто Атом – Кочани, како што информира, наместо 23 меѓуопштински линии  одржува само 10 поаѓања со најава за дополнителни прекини. Галеб –Охрид наместо две меѓуопштински линии, не одржува ниту една, Интер Тоурс – Скопје наместо 14 меѓуопштински поаѓања , има само четири поаѓања со најава за дополнителни прекини… Струмица Експрес – Струмица наместо 28 меѓуопштински поаѓања , во моментов одржува само 10 поаѓања со најава за дополнителни прекини: Сите линии кои во моментов се одржуваат се со просек 2-3 патника на целокупната линија

– -Со оглед на тоа дека услугите од нашите компании најчесто ги користат социјалните групи, како и постарите граѓани, компаниите продолжуваат да ги одржуваат линиите заради неопходното поврзување на градовите, но и заради опслужување на оваа категорија на граѓани, притоа претрпувајќи огромни штети по сопствениот буџет, вели Трпковски и дополнува дека освен овој вид превоз, поради затворените граници, компаниите за превоз откажаа и огромен број меѓународни превози коишто беа клучни за надоместување на останатите трошоци –кредити, плати, тековни трошоци кон коминтентите.

Предлагат Владата да донесе мерки за намалување на штетите, со субвенционирање на бруто плата во периодот додека трае кризата, план за одложено плаќање на останатите даноци – ДДВ, данок на добивка, грантови за малите компании, како и субвенционирање на гориво во тој период.

Бараат и субвенционирање на средства заради почитување на мерките за заштита од вирусот, односно  бесплатна дезинфекција на возилата за јавен превоз пред почеток и на крајот од патувањето, со поставено возило на секоја меѓуградска Автобуска станица, бесплатна набавка на средства за дезинфекција наменети за во возилата, како и медицински заштитни ракавици и маски за возачи и другиот персонал – мобилни работници , како и за патниците, бесплатна дезинфекција на просториите во меѓуградските автобуски станици како и јавната површина-перони, надвор од автобуските станици, бесплатна набавка на средства за дезинфекција наменети за Автобуските станици , како и медицински заштитни ракавици и маски за персоналот вработен на Автобуските станици како објекти од јавен карактер.

Претходно, мерки за помош од Владата од транспортниот сектор побараа и превозници од здруженијата АМЕРИТ и Макам-Транс, кои исто така бележат намалување на работата.  Според податоците на АМЕРИТ, поради состојбата со коронавирусот внатрешниот превоз веќе бележи пад од 65 до 70 проценти, а во меѓународниот се очекува пад и од 100 проценти.

Владата во неколку наврати повтори дека Буџетот има кондиција да ја издржи новата состојба во која се најде економијата која најави дека ќе ја помогне со конкретни мерки, а што се очекува да ги објави.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.