Влада: Ќе се формира вид експертски тим за измени на законот за животни

Владата ќе ја менува законската регулатива за да се стави крај на проблемот со кучињата скитници – но се уште не знае кои делови од законот ќе претрпат измени.

Одговорот ќе го даде тимот составен од членови на министерството за земјоделство, АХВ, ЗЕЛС и граѓански организации. Тие се задолжени во најкраток можен рок на маса да ги стават своите предлози. Точна временска рамка нема, но од Владата уверуваат дека процесот нема да се одолговлечи.

„Тоа што ќе се менува најверојатно, ќе видиме, работната група ќе ни даде прецизни информации. Очигледно постои некоја пречка во однос на времетраењето на интервенциите кои што постојат. Но, не сме сите експерти за се, така што очекуваме дека ова ќе биде донесено од една експертска група составена од сите чинители – институционални и граѓански организации,“истакна владиниот портпарол Миле Бошњаковски.

Несреќната смрт на 17-годишното девојче од Гостивар кое се удави во водите на Вардар бегајќи од глутница кучиња ја прејде црвената линија и уште еднаш посочи на сериозноста на овој горлив проблем. Дека се нужни промени во законот вчера потенцираше и првиот човек на Владата. Заев посочи дека мора да се упрости законот и да се конкретизираат надлежностите на локалната самоуправа на кој начин ќе ги згрижува кучињата.

„Вакви згрижувачки центри за кучиња скитници во Македонија има ретко. Центарот во Скопје е со слаби услови, треба да го продобруваме, но и во другите општини мора да создадеме начин како тоа да се организира за да може да ги заловуваме кучињата кои што, за жал, растат во огромен број.“, истакна премиерот Зоран Заев.

Законските промени треба да бидат и во насока на зголемување на бројот на стационари за похуман третман на кучињата скитници. Гостивар е само еден од многуте градови кој нема ваков стационар. Во Скопје, пак, годишно се ловат стотици кучиња скитници, иако проценките се дека нивната бројка надминува десет илјади.

You May Also Like