Вицепремиерот Анѓушев во работна посета на Берлин и Белград

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска ќе биде во работна посета на Берлин, каде што ќе има средба со Клаудија Дер Вос, државен секретар во Сојузното министерство за економија и енергетика.

Како што соопшти неговиот Кабинет, во рамки на активностите на мешовитиот управувачки комитет, каде Анѓушев е копретседавач од македонска страна, денеска ќе се одржи оперативен состанок на кој ќе се утврдат поконкретни мерки и начини на соработка, а ќе се разговара и за поддршката која официјален Берлин ја најавува за нашата земја.

-Во рамките на посетата на Берлин се очекува вицепремиерот да оствари и средби со претставници на компании од автомотоиндустријата и од енергетскиот сектор. Германија е главен трговски партнер на нашата земја со вкупен обем од 3,64 милијарди евра во 2018 година, и раст од преку 15 проценти на обемот во однос на 2017 година, како и земја со која Македонија остварува голем суфицит во трговската размена, соопшти Кабинетот на Анѓушев.

Вицепремиерот за економски прашања утре работно ќе престојува и во Белград заедно со министерот за здравство Венко Филипче, каде што ќе остварат средба со претставници на регионалната канцеларија на Меѓународната финансиска корпорација (International Financial Corporation), членка на групацијата Светска банка.

Со нив ќе разговараат за можности за соработка во реализација на енергетски и други инфраструктурни проекти во нашата земја.

Please follow and like us:

You May Also Like