(Видео) Мицкоски: Да се почитува договореното за датумот за предвремените избори

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Куманово порача дека треба да се почитува договореното, односно на 3 јануари да се формира техничка влада, а на 12 април да се одржат предвремените парламентарни избори.

Запрашан дали ВМРО-ДПМНЕ може да прифати некакво одложување или цврсто стои на ставот дека изборите мора да бидат на 12 април, Мицкоски рече дека помеѓу политичките партии на лидерската средба постигнат бил договор кој треба да се почитува.

„Тоа е договор којшто е постигнат во присуство на претседателот на државата и премиерот на државата Зоран Заев. Таму беа претставници на политички партии. Се разговараше и за можностите кои што денес се наметнаа како дилема и кои што ги рефлектираат од страна на СДСМ. Јас мислам дека загриженоста повеќе се темели на стравот од катастрофален пораз на следните предвремени парламентарни избори. Доколку парламентарното мнозинство продолжи да се однесува на тој начин, не само што ја загрозуваат демократијата, не само што влијаат врз изборниот процес, туку комплетно ја делегитимираат последната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски и на тој начин само дополнително создаваат недоверба кај граѓаните во Македонија“, рече Мицкоски.

Во однос на тоа, дали ВМРО-ДПМНЕ имаат одредено кадри за новата техничка влада за министерствата и за дополнителни заменички места, Мицкоски рече дека нема персонални решенија, а имињата ќе бидат познати во втората половина на декември.

„Во периодот кој што следи ќе го формираме републичкиот изборен штаб, ќе ги формираме општинските изборни штабови, ќе започнеме со детално мерење на јавното мислење, пораките кои што планираме да ги рефлектираме пред граѓаните и клучните зборови. Ние сериозно се подготвуваме за тоа кое што претстои, а тоа се предремените парламентарни избори и имињата ќе ги дознае јавноста благовремено во втората половина на декември“, изјави Мицкоски.

Запрашан има ли план Б за Протоколот за ратификација на НАТО, ако Шпанија не успее да го ратификува кај нив до распуштање на парламентот, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека темата била разговарана на состанокот со претседателот Пендаровски, каде имало и универзитетски професори коишто дале толкување дека во минатото имало пракса, кога ќе се распушти Собранието повторно да може да се собере.

„Сите политичари, сите политички партии коишто беа дел од тој состанок го слушнаа и посведочеа тоа“, додаде Мицкоски.

Please follow and like us:

You May Also Like